ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп води кампања вон законскиот рок!

„Во првата недела на месец декември, пензионерите ќе добијат уште едно зголемување на пензиите од 5 проценти. Со ова зголемување на пензиите, просечната пензија во Република Македонија ќе изнесува 13.750 денари.“, соопшти претставник на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, на прес конференцијата, што се одржа вчера во партиските простории.

Иако законскиот рок за медиумски настап и промоција на партиските програми, на сите партии-учеснички на предвремените, парламентарни избори, започнува на 21 ноември, согласно со Изборниот законик на Република Македонија, прилепскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, спротивно на законските одредби (член 69 а), кампањата ја започна предвреме.

Прес-конференција во ОК на ВМРО-ДПМНЕ се одржа и денеска, на тема - култура.

„Реализираните проекти сведочат за нашето работење, како што археолошките ископини сведочат за нашите корени и историја. Продолжуваме да ги заштитуваме цврстите темели на нашата држава и да градиме подобра иднина за сите нас“, изјави претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, од Прилеп.

ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, ја продолжува кампањата и во училиштата и во другите средини. Кандидатите за пратеници се фотографираа денеска со вработени во музичкото училиште, каде што локалната власт и градоначалникот Марјан Ристески, по завршување на реконструкцијата, најавија и набавка на нови инструменти. Фотографијата е објавена на локалниот портал Маркукуле.

За ваквите активности на партијата и на кандидатите за пратеници, во периодот пред почеток на изборната кампања, од ДИК упатуваат на Изборниот законик.

viber-image

Членови на ДИК појаснуваат дека до почетокот на кампањата, ниту една партија не смее да извршува активности кои се во функција на изборите. Овие активности, велат нашите извори, треба да бидат пријавени до ДИК, а согласно со член 179 б, следат санкции - глоба од 8.000 евра за правното лице кое направило прекршок со непочитување на датумот за почеток и за завршување на изборната кампања.

ЦИВИЛ Медиа

Print Friendly, PDF & Email