Власта создаде партиски послушници кои гласаат за да ги зачуваат работните места!

Клиентализмот создава олигархија, а првите луѓе на државните институции кои на кафе муабет одлучуваат кој и каде ќе работи, се теснопартиски и пријателски поврзани... Во изминативе години се вработени илјадници државни службеници кои им се лојални на партиите, а најчесто, вработувања во државни институции има пред одржување на избори, како што има и сега отворени огласи за вработување... Ова се дел од ставовите на дебатерите на конференцијата „Одвојување на државата од политичките партии“, која денес ја организираше граѓанската асоцијација „Мост“._dsc0103„Во членот 22 од Уставот, кој го гарантира стекнувањето на избирачкото право, во ставот 2 прокламира дека тоа е еднакво општо и непосредно, а се остварува на избори, со тајно гласање. Куса реченица, но многу снажни елементи содржи во себе. Овој став е посебно важен и секој збор во него има соодветно значење и тежина и бара посебна елаборација. На пример, еднаквост на гласот, како тоа се остварува, општост на гласот, непосредност во гласањето, изборите да се слободни... Може ли да имаме слободни избори кога знаеме дека бројни лица се условени, или се под притисок дека ќе го изгубат сопственото работно место, или со притисок врз најблиските во семејството, или пак, имаат некое ветување за вработување и се воздржуваат, врз основа на тоа ветување дека во иднина ќе им биде остварено, и имаат надеж. Некои лица се условени дека ќе добијат или не некое право, кое во нормални услови би им следувало, но не го добиваат. На пример, со лојалност - да го даде гласот на некоја партија, е условено добивање на социјална помош, добивање на субвенции, а листата на сé што според законот би им следувало, е долга“, рече во своето излагање, Наташа Габер - Дамјановска, судијка на Уставниот суд на Република Македонија.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, истакна дека во деведесетите години имавме држава на дебитни картички, а во последните 10 години имаме држава на кредитни картички, бидејќи државата постојано се задолжува за да исплаќа плати.

_dsc0106

Франк Хантке, раководител на канцелариите на Фондацијата Фридрих Еберт во Тирана и во Скопје истакна дека граѓаните мора да имаат доверба, контрола и транспарентност на парламентот, Владата, полицијата...

„Мене не ми е јасно, како може држава која има околу два милиона жители, да има побогати политички партии од Германија? Мора да има транспарентност, од каде се тие пари...?“, праша Хантке.

На конференцијата говореа и Ендрју Елис, уставен експерт, Драган Гоцевски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје и Неда Малеска од Центарот за управување со промени, а модератори беа новинарите Васко Попетрески и Драган Антоновски.

Д. Муратов

 

Print Friendly, PDF & Email