Владата гајле нема за предупредувањата: Повторно понудена еврообврзницата од 650 милиони евра!?

Еврообврзницата со максимален износ од 650 милиони евра, како што објави денеска Ројтерс, е повторно понудена на продажба!Се работи за седумгодишна еврообврзница со камата од 5 проценти. Водечки банки кои ќе тргуваат со емисијата се Citigrup, Deutshe Bank, Erste Group и Societe Generale. Моменталниот рејтинг кој Македонија го има како држава е: BB- од страна на Standard & Poor’s и рејтинг BB+ од Fitch.

Во денешното соопштение на СДСМ, партија која се спротивставува на издавањето на еврообврзницата од моментот кога беше објавена одлуката, се вели: „Никола Груевски, Владимир Пешевски и Кирил Миноски утрово повторно го почнаа процесот на издавање еврообврзница на износ до 650 милиони евра, со што, директно го кршат законот за Јавен долг, без претходно обезбедено правно мислење од министерот за правда, согласно член 18 став 6. Исто така, со носењето одлука за ова задолжување на странските пазари, директно се кршат членовите 44, 45 и 46 од Законот за Влада, како и членот 353 од Кривичниот законик“.

Издавањето на еврообврзницата беше одложено пред пет дена, откако Кире Наумов од СДСМ, во писмо кое го испрати до странските банки, ја оспори легалноста на постапката и побара од банките да внимаваат при купувањето на еврообврзницата. Денеска повторно,  СДСМ до светските медиуми и банки испрати соопштение во врска со продолжувањето на, како што велат од партијата, незаконската постапка за издавање на еврообврзницата.

Претходно, бројни експерти го искажаа својот негативен став за еврообврзницата, која ќе придонесе за зголемување на долгот на државата на дури пет милијарди евра! Повеќе од 3.000 граѓанки и граѓани се потпишаа на онлајн петицијата против еврообврзницата, а организиран беше и протест на Шарената револуција, против оваа одлука на Владата за зголемување на долгот што ќе треба да го враќаат следните генерации.

ЦМ

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian