Шилегов: Македонија мора и може да ги победи Груевски и груевизмот!

Во разговор за ЦИВИЛ Медиа, Петре Шилегов од СДСМ, тврди дека владејачката партија намерно ги одолговлекува преговорите - колку да избегне фер и демократски избори. Тој истакна дека првите луѓе на МВР ќе треба да се сменат со професионалци и на тој начин, да се контролираат партиските послушници во униформа кои нема да може да извршуваат наредби од партијата. Во однос на медиумите, Шилегов тврди дека се прават напори да има минимално медиумско информирање на граѓаните во предизборниот период, но и дека, „откако ќе има нормална власт“, ќе се менуваат сите донесени контрадикторни закони

Портпаролот на СДСМ, денеска на својот ФБ-профил објави долг статус за „потребата на ВМРО-ДПМНЕ, пред јавноста да создава искривена слика“ за вистинскиот виновник „за непостигнувањето договор, за неможноста да се надмине кризата и за неодржувањето фер и демократски избори“, обвинувајќи ја партијата на власт дека така се однесува единствено за „пред своето членство и симпатизери да остави слика на непопустливост и кај просечниот македонски граѓанин да создаде слика дека ‘се сите исти’". По тој повод, разговаравме со него за исходот на преговорите, регулирањето на медиумската сфера и состојбите во МВР

ЦИВИЛ Медиа: Тврдите дека владеачката партија намерно ги одолговлекува преговорите, зашто, „владеењето на Груевски и на ДПМНЕ, не е ништо освен една голема лага“, која мора да продолжи, „затоа што едноставно не знаат поинаку“... Има ли место за оптимизам? Дали преговорите ќе ги задоволат барањата на јавноста, особено на граѓаните кои демонстрираа на улиците ..?

ШИЛЕГОВ: Имајќи предвид дека преговорите се одвиваат повеќе од една година, со цел да доведеме до пленум на општествени промени, на државни промени, за да обезбедиме услови за конечно одржување на слободни и демократски избори во Република Македонија. Да, може да се каже дека мора да постои оптимизам, бидејќи чекор по чекор, се приближуваме како држава, кон обезбедување на едни минимални услови. Сериозните општествени промени допрва се предизвик со кој ќе се соочи македонската држава и македонското општество. Напоменувам дека во добар дел проблемите на македонското општество се содржани во Извештајот на Прибе, и за нив не се разговара и не се преговара, бидејќи е невозможно - луѓето кои ги создадоа тие проблеми да бидат дел од решението. Македонија може и мора да го победи Никола Груевски и „груевизмот“, со што ќе создадеме една нормална држава и едно нормално општество.

11101257_1821452881412635_7378622046778417574_n

ЦИВИЛ Медиа: Опозицијата потенцира дека претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја манипулираат јавноста со невистините податоци за наводно отпуштени и сменети вработени во МВР - од техничкиот министер Оливер Спасовски. Но, како без отпуштање на партиските кадри и послушници, СДСМ ќе го трансформира „МВРО“ во нормално МВР?

Шилегов: Министерството за внатрешни работи, како впрочем и сите државни институции во Република Македонија, за жал, се предмет на целосна партизација од ВМРО – ДПМНЕ во изминатиот период. Станува збор дека е потребно клучните позиции коишто во овој конкретен орган го прават оперативен и функционален, да бидат ставени под надзор и контрола на вистински професионалци, а не на партиски војници, тоа е нешто на којшто тежнееме. Во такви услови, раководена од професионалци, ќе бидат оневозможени евидентните партиски војници и кадри на ВМРО – ДПМНЕ во Министерството, да ја спроведуваат „вмровизацијата“ на МВР. Тука е клучната поента на партиските војници - нема да им биде овозможено да извршуваат партиски задачи, бидејќи ќе нема наредби, ќе нема директен претпоставен кој ќе им ги испорача и којшто ќе прави притисок и надзор да бидат спроведени.

ЦИВИЛ Медиа: Власта денеска во Собранието расправа за рекламирање на државните институции, а прашањето за вистинска регулација на медиумската сфера, како веќе да не е на дневен ред. За што воопшто се преговара за медиумите, кога власта самата си носи закони?

Шилегов: Медиумите се под знак прашање и ќе мора да бидат предмет на регулација, но по постгруевистичкиот период што и претстои на Република Македонија. Она за што се разговара и преговара е - обезбедување на минимум услови коишто ќе обезбедат објективно информирање на македонската јавност за време на (да го наречеме) предизборието. Никој не може да го спречи Груевски во моментот, имајќи ги предвид политичките односи и бројките во Собранието, да  носи закони по свој терк. Меѓутоа, тоа ќе бидат закони кои ќе бидат предмет на сериозни  анализи и предмет на сериозна промена, до која што ќе дојдеме заедно. Во конкретниот случај со медиумските работници, со засегнатите страни, за нас во СДСМ и за Република Македонија, неопходно е да обезбедиме, повторувам, минимум фер и демократски избори. Сите сериозни промени во општеството ќе мора да ги спроведеме! За жал, од држава којашто имаше сериозен корпус на реформи и кандидатско членство во ЕУ, станавме партиска марионета на Груевски.

Дехран Муратов

 

Print Friendly, PDF & Email