Jас не се сомневам во добрите намери на премиерот Заев да ги спаси Албанците од самите себе. Но, лош му е изборот на алатката. И, колку и да му е лош изборот, толку му е неизбежен. Мора да ја спасува Демократската унија за интеграции (ДУИ) на локално ниво, за да го спречи понатамошниот пад на оваа партија, а со тоа да ја одржи коалицијата во парламентот и владата. Со тоа, губи дел од своите сојузници на локално ниво и предизвикува дополнителна конфузија, а самиот станува дополнително ранлив.
Да се потсетиме, во декември, за првпат, Албанците гласаа надетнички. И, од таа, би рекол, историска околност за Македонија, Албанците влегоа во уште покомплицирана фаза отколку Македонците. Поточно, ова е еден турбулентен меѓу-период, по кој ќе следат нови прегрупирања и уште подраматични настани. Без оглед на тоа дали Албанците гласаа за СДСМ или против ДУИ, со прелевањето на албанските гласови надвор од етничките определби, на повидок е нов, граѓански карактер на изборните процеси и воопшто – на општественото живеење. Ова беше феномен за кој, изгледа, политичките партии не беа целосно подготвени. Граѓанките и граѓаните покажаа далеку поголема зрелост отколку поголемиот дел од претендентите за власт – и Албанците кои гласаа по сопствена волја, во и надвор од своите етнички заедници, и Македонците кои оваа појава ја дочекаа со олеснување и големо признание за своите сограѓанки и сограѓани.
Ова, сепак, е крајно ровита ситуација во која се гледа колку локалната власт им е супер важна на сите. Политичките партии, едноставно, се борат за секој поединечен глас, грчевито и не бирајќи средства.
All-out war for votes!
Во битката за гласови се вклучени сите, од централните партиски раководства, до последниот симпатизер… И сега, кога останаа 35 од 80 општини да се освои локалната власт, нивната френетична трка за моќ е единствен мотив. Ништо друго не им е важно, најмалку етиката. Ова е период кога се дејствува сега и овде, без оглед на тоа какви последици тоа може да има на подолг рок. Важен е политички поен сега, па нека тоа биде погубно за целото општество утре. За последиците утре, ќе размислуваме утре – тоа е поривот овие денови. Не логиката, не разумот, туку поривот.
Албанските политичари сега се во грч – успехот на локалните избори ќе биде вовед во наредната фаза, кога тие ќе бидат во позиција да го ефектуираат својот успех на локален план на преговарачката маса со, условно кажано, Македонците, за да си добијат подобри позиции во владата и централните институции. Локалната власт е лост за моќ на централно ниво. Албанци? Граѓански интереси? Македонци? Други етнички заедници? Што беше тоа? Важен е пристапот до полугите на моќта, сѐ друго е само орудие за да се дојде до целта.
Така, албанските гласачи се заглавени во лавиринтот на комплицираната македонска политичка реалност. На парламентарните избори во декември, десетици илјади Албанки и Албанци гласаа за СДСМ, да ја казнат ДУИ за владеењето во стилот на ВМРО-ДПМНЕ, а сега се повторно втурнати во прегратките на Али Ахмети, за да го спасуваат, а за тоа ги убедува, никој друг, туку самиот премиер. Во кампања на локални избори! Со национални теми. Со „гаранции“ од владата дека, доколку гласаат за кандидатот кој им одговара на СДСМ, граѓанките и граѓаните можат да се надеваат на побрз развој на нивната општина.
Погрешно, многу погрешно! Груевски се сликаше за билбордите заедно со кандидатите за градоначалници во 2013 година. Ние тоа го нарековме притисок и облик на политичка корупција. Иако кампањата на Заев во најголем дел е обединувачка и позитивна, сепак, неговата интервенција има мирис и вкус на манипулација. Погрешно, без оглед на тоа колку Заев и СДСМ, на овој начин, сакаат да се пресметаат со претпоставениот страв на граѓанките и граѓаните од продолжена, продлабочена и надградена диктатура на локално ниво.
Албанците се наоѓаат пред тежок избор. Живеат во гето со децении, постојано растргнувани со длабоки внатрешни поделби. Во тоа гето владеат посебни правила, корумпирани и неефикасни институции, сѐ уште потполно партизирани. Кога дел од Албанците гласаа за СДСМ во декември, а дел од нив и во првиот изборен круг, тие испратија порака до институциите и партиите дека сакаат да живеат поинаков живот, да излезат од долгогодишната културна, политичка и социјална зачмаеност.
На албанските гласачи не им се доволно убедливи ни добро познатите албански политичари, а ниту некои од новите играчи кои минатите две години истрчаа на нерамниот политички терен. Груевски е исклучен од визурата на Албанците поради изразениот и валкан национализам кој го практикува цело време. Тој може и кече да стави и течно да проговори албански, нема да убеди никого.
Сосема оправдано, перцепцијата на албанските гласачи за оние што се борат да бидат нивни политички претставници е прилично разнобојна. Дали се во целост точни тие перцепции или не, сега е ирелевантно. Времето е кратко. Одлуките мора да се донесат брзо, емоциите се разбранувани, а разумните решенија имаат дамка од валканите комбинаторики и политичкото користољубие.
Што имаат Албанците на политичката тацна? Пиони на политичарите осомничени во истрагите на СЈО и излитени политичари кои чекаат можност да ќарат нешто во политичкиот теснец од време и опции. За многумина ќе проработи валканиот политички прагматизам, намерно или не. За трети, пак, ќе работи времето и поделбите меѓу Македонците.
Иако на другите етнички заедници им изгледа сосема поинаку, албанската политичка сцена секогаш била крајно фрагментирана. Деновиве албанскиот политички кампус наликува на една анегдота од Втората светска војна… Италијанскиот окупатор за Албанците имал една изрека: Tutti Albanesi, tutti commandanti (Сите Албанци, сите команданти).
Џабрир Дерала