ЦИВИЛ упатува порака за ненасилно разрешување на конфликти

Меѓународниот ден на ненасилството се одбележува на 2 октомври и истовремено е роденден на Махатма Ганди, лидер на индиското движење за независност и основоположник на филозофијата и стратегијата на ненасилство.

Денот на ненасилството е повод да ја прошириме пораката за мирно разрешување на конфликти и за ненасилна борба за мир и слобода. Овој ден треба да не посети и тека образованието и едукацијата се битни фактори во надминување на нетолеранцијата преку меѓусебно разбирање и почитување. Овој ден треба исто така да ни покаже дека она што го градиме врз принципите на мир и ненасилство го оставаме како наследство за подобар живот на идните генерации.

Овој ден е воспоставен во 2007 година, според резолуцијата на Обединетите нации A/RES/61/271. Според резолуцијата, Меѓународниот ден на ненасилството е можност „да се прошири пораката за ненасилство, вклучително преку едукација и јакнење на јавната свест“. Овој меѓународен документ на кој е обврзана и Република Македонија, како земја-членка на ОН, ја реафирмира „универзалната релевантност на принципот на ненасилство“ и стремежот „да се обезбеди култура на мирот, толеранцијата, разбирањето и ненасилството“.

ЦИВИЛ од своето основање во 1999 година ги следи принципите на ненасилство и заложба за човекови права и слободи. Како организација што со долгогодишно искуство во изборниот мониторинг, секогаш на прво место ги става граѓанките и граѓаните и нивното основно човеково право, правото на глас, кое треба да си го остварат на мирен и достоинствен начин.

За жал, Македонија сè уште се наоѓа на граница меѓу заканите и притисоците и остварување на истите преку примена на секаков вид на насилство.

Референдумскиот процес беше доказ дека политичките и општествените активности на граѓанките и граѓаните прибегнуваат полесно кон насилно отколку на  разумно спроведување.

„Ненасилството е најголема сила која е на располагање на човековиот род. Тоа е помоќно и од најмоќното оружје за уништување создадено од ингениозноста на човекот“, вели Ганди.

ЦИВИЛ ги повикуваа сите граѓанки и граѓани овој ден и секој нареден да го обележат со создавање услови и постигање на ненасилни решенија во животот и политиката.

 

Print Friendly, PDF & Email