ЦИВИЛ со значајни анализи и оценки за политичките процеси во Македонија

Референдумот на кој граѓанките и граѓаните на Република Македонија се изјаснуваат за прашањето дали се ЗА членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција, или се ПРОТИВ беше релативно добро организиран и помина во претежно мирна и демократска атмосфера.

Сепак, овој изборен процес беше исполнет со низа проблеми, недоследности, системски грешки и нерегуларности. Целиот процес во контекст на референдумот на површина исфрли низа проблеми кои со години се таложеле, а решенијата се одложувале или се ставале во фиока, што уште повеќе ја влоши ситуацијата во последните денови пред гласањето, како и на самиот ден на гласањето.

ЦИВИЛ – Центар за слобода го набљудуваше процесот долгорочно со над 30 набљудувачи, а со 307 акредитирани набљудувачи на денот на гласањето. Граѓанските новинарки и новинари се вклучија во мониторингот и на овој изборен процес, така што, сѐ заедно, постои огромен материјал во форма на извештаи, фотографии, скенови и видео материјал, што ќе биде предмет на опсежна и мултидимензионална анализа. Наодите и препораките што произлегуваат од мониторингот ќе бидат објавени наскоро, а веќе првите анализи во видео формат и колумни на еминентни аналитичар(к)и, ЦИВИЛ ги презентира на својата медиумска платформа.

Тука спаѓаат и видео анализите на Сандра Гавриловска, Сашо Орданоски, Александар Новакоски и Џабир Дерала, како и колумните на Мирјана Најчевска и Сашо Орданоски.

Веднаш по завршувањето на референдумот, ЦИВИЛ излезе и со прелиминарна оценка под наслов „Хаотичен, иако мирен референдумски ден“.

Во претстојниот месец, ЦИВИЛ ќе излезе со уште значајни анализи и оценки на процесите што се одвиваат во земјата, а од кои ќе произлезат препораки за кои организацијата се надева дека ќе наидат на разбирање од институциите. Граѓанките и граѓаните веќе знаат што треба да се направи, останува институциите и политичарите да го послушаат тој глас.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish