ЦИВИЛ го вклучи алармот: Остануваат само 45 дена до изборите!

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги препознава и ги поддржува напорите на Државната изборна комисија, потпомогната од меѓународните организации и експерти. На 45 дена пред одржувањето на првиот круг од локалните избори во Република Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш го вклучува алармот и упатува препораки и барања до институциите, политичките партии и сите засегнати страни во изборниот процес.

Најзасегнати со изборниот процес се граѓанките и граѓаните со право на глас. Државата има уставна и законска обврска да им овозможи на сите граѓанки и граѓани да го искористат своето право на глас. Државата, институциите и политичките партии мораат до максимум да ги почитуваат демократските стандарди за спроведување слободни избори.

Политичките калкулации и манипулации мора да им отстапат место на професионалните и експертските решенија на сите предизвици со кои се соочуваат ДИК и гласачите во претстојниот изборен процес. Неприфатливо е политизирање на било кој сегмент од спроведувањето на изборите во наредните 45 дена. Секој и најмал обид да се опструира и манипулира со администрирањето на изборите и со волјата на гласачите, остро ќе го осудиме и категорично ќе бараме одговорност и остри санкции.

Од досегашното набљудување, ЦИВИЛ нотира дека предизборната кампања е започната далеку порано, пред датумот на нивното официјално распишување и пред законскиот почеток на предизборната кампања. Уште еднаш ги потсетуваме политичките партии дека, според Изборниот законик, кампањата трае 20 дена пред денот на изборите и тоа е сè! Корупцијата и купувањето гласови се забранети!

Избирачкиот список продолжува да биде огромен предизвик за Државната изборна комисија која вложува огромни напори да го ревидира овој документ. Сепак, постојат дури и законски пречки тој проблем да се реши до крај. Тоа значи дека во решавањето на децениските проблеми со Избирачкиот список мора да се вклучат сите релевантни институции, да не се повтори кршењето на гласачкото право, како на предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.

Ја користиме оваа прилика, да ги повикаме сите граѓанки и граѓани да соработуваат со ДИК и со другите релевантни институции во процесот на ревизија на Избирачкиот список, а секоја неправилност или проблем да го пријават во ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Решително и доследно да се санкционираат сите поединци и групи, организации и политички партии кои шират говор на омраза и поттикнуваат нетрпеливост и насилство врз етничка, верска или друга основа, со цел да се стекнат со политички поени.

Финансирањето на политичките партии и предизборната кампања мора да биде транспарентно и согласно со законската регулатива. Партиите кои се служат со коруптивни и други незаконски дејствија мора да се санкционираат, нивните сметки да се блокираат и да се исклучат од изборната трка.

Да се забрзаат реформите во судскиот систем, со цел да се спречат опструкции и манипулации со волјата на гласачите, особено во жалбената постапка пред Управниот суд во текот на изборниот процес и по него.

Да се воведат итни мерки за поддршка на законитото и објективното функционирање и на контролните механизми како што се Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, Комисијата за заштита од дискриминација и други.

Иако постои извесен напредок во подобрувањето на медиумските слободи, медиумите сè уште се далеку од потребното ниво за да обезбедат објективно и непристрасно информирање и простор за јавна дебата, со цел гласачите да направат информиран избор при гласањето. МРТВ и другите јавни сервиси, како и Агенцијата за визуелни и аудиовизуелни медиуми услуги итно треба да добијат можност да работат за јавниот интерес, а не за партиско-криминални структури во земјата.

Институциите на власта на национално и локално ниво мораат да обезбедат максимални услови за слобода на изразувањето и граѓанското дејствување.


Пријави за нерегуларности може да се поднесуваат на тел: 02 / 520 91 76 или 071 / 608 523, а на располагање е и веб-страницата Слободни избори за пријава на изборни нерегуларности или преку порака на истоимената Фејсбук страница.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish