ЦИВИЛ: Стоп за говорот на омразата и лажните вести!

ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, остро реагира на зголемениот интензитет на објавување на лажни вести и говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи.

Имаме повеќе од доволно причини да тврдиме дека интензивирањето на објавување на лажните вести и говорот на омразата е последица од деструктивното дејствување на одредени политички структури во земјата. Бараме од политичките партии да му стават крај на ваквиот стил во јавната комуникација и да го променат начинот на водење политичка кампања.

Во текот на континуираниот мониторинг на политичките процеси и настани во Република Северна Македонија, ЦИВИЛ нотира дека дел од политичките субјекти и медиумите под нивна контрола, не покажуваат ни минимум политичка култура, ниту покажуваат намера да водат фер и аргументиран политички натпревар. Напротив, се забележува тенденцијата да се искористи секоја можност, вклучително и во текот на викендите и празничните денови, да се истурат реки од омраза и лаги во јавната комуникација, со цел да се постигне политичка предност во изборен или во каков и да е друг контекст. Тоа е крајно неприфатливо и заслужува секаква осуда!

Исто така, ЦИВИЛ бара од релевантните институции да бидат поенергични и поактивни во следењето и законското санкционирање на црната пропаганда, лажните вести и говорот на омразата. ЦИВИЛ бара од институциите да ги заштитат и авторките и авторите на анализи, колумни, информативни прилози и истражувања во медиумите и невладините организации. И тие имаат право на заштита!

Понатаму, ЦИВИЛ ја повикува и јавноста, сите граѓанки и граѓани внимателно и критички да ги следат медиумите и гласилата на политичките партии. Секоја манипулативна содржина и изворот на таквите содржини треба решително и отворено да се отфрли, а не да се мултиплицира. Коментарите на таквите содржини се излишни, а особено говорот на омраза во одговор на таквите содржини само ја продлабочува тензијата и паѓањето на нивото.

Воедно, од организацијата уште еднаш потсетуваат дека граѓанките и граѓаните имаат можност да се вклучат во борбата против девијантните појави во јавната комуникација. На веб страницата Граѓански објектив постои посебна рубрика ПРИЈАВИ, каде што може да се пријавуваат лажни вести или говор на омраза. Во истата рубрика се поместени и пријави за корупција, како и за секаков вид кршење на човековите права и слободи. Често се случува да има повеќе елементи, па оние што сакаат да се вклучат во мониторингот да не се сигурни во која категорија треба да го пријават случајот.

Важно е да се пријави, да се учествува, за класификациите и анализите има кој да се погрижи. Граѓанското учество во борбата против појавите и практиките кои се закана за демократијата и владеењето на правото се пресудни!

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish