ЦИВИЛ со отворени „Перспективи 2018“ и денеска

На целодневниот настан „Перспективи 2018“ кој се одржа на 22 декември, учествуваа дваесетина јавни личности, професори и истакнати активистки и активисти. Тимот на ЦИВИЛ објави дека ќе ги продолжи активностите и денеска, понеделник, 25 декември, во хотел Сити Парк, од 9 до 17 часот. 

Активностите ќе започнат со состанок на колегиумот на Редакцијата ЦИВИЛ Медиа, а веднаш потоа координативното тело на организацијата ќе продолжи со уште еден динамичен, експериментален работен ден на организацијата. Во текот на целиот ден ќе се одржуваат брифинзи и состаноци на различни теми поврзани со проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, како и со другите активности како што е програмата „Цивика Мобилитас“ и проектите „Граѓански објектив“ и „Разбирање и одбрана“.

Тимот на ЦИВИЛ и денеска ќе биде на располагање да одговара на прашања поврзани со проектите, извештаите и ставовите на организацијата, а кои се однесуваат на слободата на изразувањето и медиумските слободи, човековите права и слободи, социјалната правда, екологијата, младите, изборниот процес и демократската трансформација на општеството.

На настанот, ЦИВИЛ покани истакнати јавни личности, експерти и активисти со кои ќе одржи работни средби и ќе разговара за перспективите на Македонија во 2018 година. Претставниците на медиумите се поканети да се информираат и да земат изјави на сите теми кои се во делокругот на ЦИВИЛ. Како и секој друг ден, граѓанките и граѓаните кои сакаат да споделат информации или да посведочат за кршење на човековите права и слободи, можат да го сторат тоа во текот на целиот ден, овој пат во хотел Сити Парк, кој се наоѓа на паркингот кај Општина Центар.

Поканети се и претставниците на невладините организации со кои ЦИВИЛ има соработка и партнерства, но и оние што сакаат таква соработка и да се започне во 2018 година.

На настанот ќе бидат достапни и копии од изданијата на ЦИВИЛ во печатена форма и ДВД. Заинтересираните граѓанки и граѓани ќе имаат можност да се запознаат со сите активности на организацијата и со можностите за ангажман во проектите. Хаштаг на настанот е #Перпективи2018.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian