ЦИВИЛ ја поддржува О2 Коалицијата и бара итно решавање на проблемите!

Поттикнати од барањата на О2 Коалицијата и средбата на членовите на оваа Коалиција со премиерот Заев, ЦИВИЛ – Центар за слобода упатува силна поддршка на планираните активности кои произлегуваат од барањата доставени до Владата.

ЦИВИЛ во целост се согласува со документот којшто беше доставен до Владата, каде се презентирани најголемите проблеми вклучувајќи ги и 16 жешки точки на ниво на целата држава.

Овие проблеми што претходните власти ги игнорираа или само декларативно се залагаа за нивно решавање, мора да бидат приоритет на новата власт, како што интензивно ветуваа во предизборните кампањи. Имајќи предвид дека веќе постојат сите релевантни показатели, документи, анализи и понудени решенија од страна на Коалицијата на невладини организации, ЦИВИЛ се приклучува кон барањата за интервенција во Буџетот за средства кои се однесуваат на решавање на овие проблеми.

Воедно, ЦИВИЛ ги повикува Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање сериозно да се зафатат со решавање на проблемите со животната средина. Состојбата во која се наоѓаме е на ниво на елементарна непогода за која нема простор за одложување. ЦИВИЛ бара веднаш да се преземат сите активности за решавање на овие проблеми!

ЦИВИЛ ја повикува О2 Коалицијата да остане будна и да продолжи да биде гласот на граѓаните кој секојдневно ќе ги потсетува институциите за итноста и неодложноста за решавање на заканите по животната средина.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish