Анализа на резултатите од истражување преку фокус групи

Ова е анализа на резултатите од истражувањето на ЦИВИЛ преку фокус групи. Со фокус групите дојдовме до квалитативни податоци за познавањето на избирачкото право, изборните нерегуларности и состојбата на човековите права и слободи.

Истражување преку фокус групи се одржа во Скопје, Велес, Гостивар и Струмица. Вкупен број на учесници во фокус групите беше 35.

Според составот, во фокус групите учествуваа 17 мажи и 18 жени, го отсликуваа етничкиот состав на општината, односно регионот, на возраст од 19 до 54 години.

Се забележуваат мали разлики во ставовите на учесниците од различните региони. Размислувањата, ставовите и заклучоците на учесниците во голема мерка се совпаѓаат, без оглед на местото на живеење, етничката, родовата или друга припадност.

 

I. Состојба на човековите права и слободи во Република Македонија

Учесниците се делумно запознаени со Универзалната декларација за човекови права, но и оние кои не ја знаат Декларацијата, имаат изострено чувство за право и праведно. Со исклучок на еден учесник, сите сметаат дека човековите права во Република Македонија не се почитуваат. Повеќето сметаат дека во државата се загрозени сите човекови права.

Според фокус групите, на прво место се наоѓа загрозувањето на слободата на изразувањето, слободата на говорот и медиумските слободи, како и правото на протест.

Подеднакво силно изразена е дискриминацијата врз основа на политичка афилијација. Притоа, учесниците посведочија за бројни случаи на партиски диктат при вработувањето, при добивање субвенции, притисоци врз работниците, земјоделците, учениците и студентите.

Социјалните права, вклучувајќи го и правото на здравствена заштита, според фокус групите, се загрозени секојдневно и на сите нивоа. Често, социјалните права се доведуваат во релација со политичката, односно партиската дискриминација.

На четврто место, според бројот на искази, се наоѓа родовата дискриминација, односно кршењето на човековите права на жените, при што поголем број од учесниците сведочат за дискриминација на жените на работното место, при вработување или во институциите.

Етничката дискриминација се наоѓа на петтото место. Според фокус групите, етничката дискриминација се спроведува од страна на институциите, но и од страна на работодавците во приватниот сектор.

Петтото место го делат и работничките права, при што учесниците даваат низа примери за лоши услови за работа, мизерни плати, мобинг, ускратување на правото на синдикално здружување итн.

Понатаму, следат кршењето на низа други права и слободи како што се: право на образование, слобода на движење, дискриминација и злоупотреба на лицата со посебни потреби, дискриминација на мигранти, дискриминација на ЛГБТИ заедниците, право на домување итн.

 

II. Познавање на избирачкото право

Во принцип, учесниците на фокус групите покажуваат дека се запознаени со основите на гласачкото право. Младите се информираат претежно од постарите членови на семејството, односно од родителите. Родителите во некои случаи се обидуваат да влијаат со тоа што кажуваат кој да се заокружи при гласањето.

Речиси половината од учесниците тврдат дека луѓето се информираат за гласачкото право од невладините организации, при што посебно се споменуваат организациите ЦИВИЛ и МОСТ.

Информациите доаѓаат и од традиционалните и новите медиуми.

Во многу помал број случаи се информираат од информативниот материјал кој го обезбедува ДИК. Се наведуваат и учебниците како извор на информации за гласачкото право.

Генерална оценка е дека граѓан(к)ите не се доволно информирани за своите гласачки права.

 

Познавањето на изборниот систем во земјата е површно. Половината од учесниците во фокус групите ги познаваат основите на изборниот систем во земјата. Во два случаи се забележува солидно познавање на изборниот систем и во тие случаи се изнесува ставот дека парламентот не функционира и дека гласањето во дијаспората е нелегитимно.

 

III. Распространетоста на убедувањето дека гласањето не е тајно

Дури 27 од 35 учесници на сите фокус групи (77%) веруваат дека гласањето не е тајно.

Според фокус групите, принципот на тајноста на гласањето се крши како последица на низа нерегуларности на денот на гласањето.

Како начини за контрола, односно нарушување на тајноста на гласањето се наведуваат строгата контрола на тоа кој излегол на гласање и во колку часот, самите гласачи ги фотографираат своите гласачки ливчиња, читањето на глас, притисоци или сугестии од избирачките одбори, квалитетот и поставеноста на параваните зад кои се гласа, партиски луѓе се шетаат зад параваните, семејно гласање и гласање за друг, групно гласање, заокружување со триаголник или други симболи.

Исто така, постои уверување дека гласањето се надгледува и со скриени камери.

 

IV. Препознавање на изборни нерегуларности

Без исклучок, сите учесници во фокус групите тврдат дека знаат што се изборни нерегуларности и преку примери од лично искуство, тоа и го докажуваат.

На прашањето со кои изборни нерегуларности се соочуваат гласачите во Република Македонија, испитаниците наведуваат огромен број различни изборни нерегуларности со кои тие лично се соочиле или биле сведоци.

Најголем број од учесниците сведочи за проблемите со Избирачкиот список. Еден од учесниците изјави: „Непрочистени избирачки списоци каде мртвите ги има, а живите ги нема.“

Учесниците посведочија за партиски притисоци, закани и поткуп. Секаде се говори за гласање со повеќе лични карти.

Се наведоа и низа нерегуларности при гласањето на болните и за манипулации и притисоци врз немоќни лица.

Групно гласање, „бугарски воз“, гласачи од Пустец, фантомски гласачи, прититисоци од избирачките одбори, неподносливи притисоци по телефон, кршење на изборниот молк, злоупотреба на деца и млади, исклучување на лифтови и други видови попречување на гласањето се само дел од случаите на изборни нерегуларности за кои информираат фокус групите на ЦИВИЛ.

 

Учесниците препознаваат непрекината политичка, односно партиска кампања во периодот меѓу изборите. Тие велат дека кампањата непрекинато тече преку ТВ екраните и дека веќе јасно се препознава дека информативната содржина на голем дел од ТВ каналите е заменета со пропаганда.

Еден од учесниците во фокус групата изјави: „Гледаме 24/7 политичка кампања за успеси и неуспеси. И деновиве сме сведоци на политичка кампања. Нашиот премиер се шета по градови да им објасни на луѓето колку се глупави и не знаат што се случува.“

Според фокус групите, партиите на власт ги окупираат медиумите со обвиненија и етикети на сметка на секој што размислува или изјавува различно од нив.

Според нив, очиглено е дека најголем нарачател на реклами е владата, која „постојано нѐ потсетуваат што направиле за нас и за државата“.

„Апсолутно да!“ – вели друг учесник во фокус групите – „Политичката кампања на власта трае осум години. Првата година сѐ уште не беа толку гласни. Но, од втората година наваму имаме перманентна политичка кампања, 365 дена во годината.“

Според учесниците во фокус групите, власта ги држи во кондиција своите поданици. Постојано ставаат камен темелници, некогаш и повеќе пати на исто игралиште. Еден учесник посведочи дека се става камен темелник по повеќе пати на исто место.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish