„Транспаренси Интернешнл“: Зголемување на корупцијата во Македонија!

Според последното истражување на „Транспаренси Интернешнл“, Индекс на перцепција на корупцијата, конкретно во јавниот сектор, Македонија се наоѓа на 66-то место. На листата од 168 држави и територии, 66-тото место го дели со Турција и Сао Томе и Принсипе. Истражувањето се спроведува од 1995 година, а Индексот на перцепција е заснован на релевантни истражувања кои се спроведени во последните две години. Македонија во 2013 година беше рангирана на 67-то место, во 2014 на 64-то место, па годинешната позиција е повторно пад за две места.
UntitledИндексот на перцепција на корупцијата претставува збир на податоци добиени од различни извори кои ја претставуваат перцепцијата на бизнис заедницата и експертите за нивото на корупција во јавниот сектор, во секоја од државите кои се дел од истражувањето.
Според анализата на „Транспаренси Интернешнл“, 2015 година покажала дека граѓаните, доколку работат заедно, можат успешно да се борат против корупцијата. Покрај тоа што ова сé уште е глобален проблем, голем број на држави изминатата година успеаа да го намалат нивото на корупција.
Загрижувачки за „Транспаренси Интернешнл“ се државите кои во 2015 се рангирани полошо, споредено со последните години. Македонија заедно со Унгарија, Шпанија и Турција е дел од таа листа. Во овие држави, корупцијата расте, а просторот за граѓанскиот сектор и демократијата се намалува, се вели во анализата.
Според препораките кои се дел од истражувањето, корупцијата нема да се намали сé додека законите и регулациите не почнат да се спроведуваат, а граѓанското општество и медиумите не се целосно слободни. Препораките на „Транспаренси Интернешнл“ и детектираните проблеми во Македонија, во целост се совпаѓаат со анализите на ЦИВИЛ -Центар за слобода, кој постојано укажува на потребата од активен граѓански сектор и слободен медиумски простор.
“Индексот на перцепција на корупцијата за 2015 година јасно покажува дека корупцијата продолжува да биде проблем во целиот свет. Но, 2015 година исто така, е година кога луѓето повторно излегоа на улиците да протестираат против корупцијата. Луѓето од целиот свет испратија сигнал на оние кои се на власт, дека конечно е време да се справат со корупцијата”, стои во заклучокот на Транспаренси Интернешнл.
Во тој правец продолжува да работи и ЦИВИЛ акцентирајќи ја важноста од намалување на нивото на корупција во Македонија, како еден од главните проблеми со кои се соочуваме, покрај заробените медиуми, нефункционирањето на правната држава, немањето на услови за фер и демократски избори и заштитата на човековите права и слободи.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English