Тензична ноќ по претседателската политичка акробација

Политички тензии и протести на улиците на Скопје следеа по обраќањето на претседателот Ѓорге Иванов попладнево.

Иванов изјави дека потпишал општ акт за прекинување на сите кривични постапки против лица од власта и од опозицијата, а кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Тоа би бил начин за излез од политичката криза, тврдеше Иванов во својата изјава.

Меѓу другото, Иванов изнесе обвиненија дека политичката криза е последица од странски влијанија. Тој рече и дека не може „во својот мандат да го дозволи ова што ѝ се случува на Македонија“.

Првата реакција дојде од ЦИВИЛ – Центар за слобода, со осуда за политичката акробација на Иванов и со барање за оставка.

Демонстрантите пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Демонстрантите пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Кратко потоа, опозицискиот лидер Зоран Заев свика прес конференција на која актот на Иванов го нарече државен удар и притоа изјави: „Не барам, ниту прифаќам аболиција!“ Тој ги повика сите граѓани и политички партии да се спротивстават на режимот на Груевски и го обвини Иванов за кршење на Уставот, од позиција со која се стекнал преку изборна кражба. Заев побара оставка од Иванов.

Неколку илјади револтирани граѓани излегоа на улиците. Прво, долгата колона луѓе се собраа пред Специјалното јавно обвинителство да изразат поддршка на оваа институција која има мандат да ги истражи наводите за злоупотреба на моќта, корупција и изборни кражби од страна на власта.

Колона од 3-4 илјади луѓе потоа се упати кон канцеларијата на Претседателот во центарот на градот со барања за оставка. Подоцна, демонстрантите маршираа кон седиштето на владејачката партија и продолжи кон владината зграда. Сега, демонстрантите се вратија кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ се собираат за контрапротести. Полиција и оклопни возила се наоѓаат на улиците. Не е забележано насилство.

Print Friendly, PDF & Email