Студентски референдум на УКИМ: „Молкот е зараза која ја труе нашата слобода!“

Студенти од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на 28-ми септември 2016 ќе го организираат првиот Студентски референдум, со прашање - „„Студенту, дали телото кое те претставува во рамките на Универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?"

„Ќе спроведеме импровизиран Студентски референдум, за да покажеме дека студентите се тие кои треба да бидат слушнати. Сé уште немаме прецизирано како ќе се одвива референдумот, но во наредните неколку дена ќе отвориме јавен повик и секој што ќе сака, ќе може да се приклучи во организацискиот дел. За време на референдумот ќе ги овозможиме сите потребни услови. Државната изборна комисија нема никаква врска со овој референдум, бидејќи ова е самоиницијативно од студентите“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, еден од  организаторите, студент кој во овој момент сака да остане анонимен.

untitled-470x246

Студентскиот пленум не е дел од организацијата. Но, во соопштението на студентите што ќе го органиизраат референдумот, а кое е објавено и на Фејсбук страницата на Пленумот,  се вели дека доколку гласот на студентите не се чуе таму каде што треба, никогаш нема да се одговори на нивните потреби и вечно ќе бидат под камшикот на лошото студентско владеење.

За да можат да настапат со заеднички став, „формулиран од индивидуалните потреби на секој студент“, организаторите ги повикуваат своите колеги на првиот студентски референдум на УКИМ.

„По крадењето на гласачки кутии и тепачките на студентските избори, универзитетскиот Сенат презеде одговорност да го реформира студентското претставување. Сепак, во процесот на реформирање, Сенатот повторно е 'глув' за ставот на студентите - изгледа дека слабото студентско организирање и статус кво му одговара на Универзитетот, а никако на студентите! Бидејќи како најголем проблем досега се истакнува невладина организација која однадвор учествува во одлучувањето на Универзитетот, референдумското прашање гласи: 'Студенту, дали телото кое те претставува во рамките на универзитетот, да продолжи да биде невладина организација?'", се вели во соопштението на студентите, објавено и на ФБ страницата на Студентски пленум.

Студентите истакнуваат и дека „УКИМ не смее да одлучува за студентското претставување, без притоа да ги праша студентите!“.

Дехран Муратов

 

 

Print Friendly, PDF & Email