Една или две коалиции против власта на ВМРО-ДПМНЕ?

Лидерите на партиите од македонскиот блок, кои не се дел од пржинскиот договор се едногласни: анализата на ставот на граѓан(к)ите ќе биде пресудна за одлуката дали ќе се формира широк опозициски фронт на чело со СДСМ или нов, опозициски блок. Иако по разговорот со неколкуте политички лидери, лесно може да се изведе заклучок дека сите имаат иста цел - уривање на криминалниот режим, воспоставен во изминатите 10 години од ВМРО-ДПМНЕ, сé уште, во игра се двете опции...

„Повеќе од половина од граѓан(к)ите во Македонија, не планираат да гласаат за опциите кои во моментов се нудат, односно, за двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тоа ја наметнува потребата од самостојна и независна коалиција во која ќе учествуваат повеќе политички партии“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Павле Трајанов од Демократски сојуз, партија која со ФРОДЕМ, Демос и МОРО-Работничка партија, ја формираше Коалицијата за промени и правда.

„Разговараме со повеќе партии за окрупнување на коалицијата, која ќе им овозможи на граѓан(к)ите да избираат помеѓу три блока. Во моментов, водиме разговори со ВМРО-НП, Обединети за Македонија, Достоинство и ДОМ. Имаме средби и со помалите политички партии, има голем интерес, а за тоа кој е ќе биде дел од овој опозициски блок, ќе видиме“, изјави Трајанов во разговорот за ЦИВИЛ Медиа.

DSC_0195

Павле Трајанов, Демократски сојуз

На прашањето што ќе понуди широката коалиција, Трајанов вели: „Широкиот опозициски фронт, се залага за коренити промени, пред сé, да биде посочена одговорноста на сите кои се на јавна функција. Секој кој добие доверба, доколку ја злоупотреби довербата, мора да одговара за тоа. Друга приоритетна обврска е сите оние кои во последните години биле вклучени во тешки форми на криминал и учествувале во грабежот на државата, за тоа да одговараат, да им се конфискува имотот и да не може да се вклучат во политика најмалку 10 години“.

ЦИВИЛ Медиа разговараше и со Маријан Огњановски од Обединети за Македонија.

13147784_963114723806997_6630430089373199940_o

Маријан Огњановски, Обединети за Македонија

 

„Ние сме во коалиција со СДСМ, евентуално ако се одлучи нешто поинаку, понатаму ќе видиме. Подготвени сме за соработка и разговори, но моментално сме дел од таа коалиција. Ќе направиме анализа, ќе имаме Централно собрание другата недела, и ќе одлучиме, нормално во договор и разговор со коалициониот партнер, односно со СДСМ“, вели Огњановски.

13174124_963085823809887_8548179748535423038_n

Лилјана Поповска, ДОМ

„Паријата ДОМ се подготвува за самостоен настап веќе две години, имавме и теренски активности, но работите се специфични во моментов. И покрај природната желба да настапиме самостојно, затоа и се бориме за една изборна единица, во моментов е битно да придонесеме за демократизација на земјата, а за тоа се потребни суштествени промени. Ние правиме анализа внатре во нашето членство околу ставот дали да настапиме самостојно или со коалицирање со опозициони партии, за да се направи таа демократска промена. Можност за коалицирање има само со опозициски партии. Во моментов, треба сите кои сме вклучени во оваа демократска борба, да направиме анализа што е подобро - да имаме еден или два опозициони блока. И да постапиме сите онака како што е најдобро за демократијата. Ние правиме внатрешни консултации за тоа како би настапиле, но треба да се направи анализа на сите опозициони актери и заедно да одлучиме како е најдобро да се настапи на претстојните избори“ , ни изјави претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска за ЦИВИЛ Медиа.

Ljupco-Balkoski

Љупчо Балковски, ВМРО НП

„Подготвени сме за соработка и разговори кои се во тек, но сé уште не се работи за преговори, затоа што сé уште не знаеме кои партии ќе учествуваат во тој Трет блок, за да можеме да ги започнеме преговорите. Кога ќе се допрецизираат деталите, треба да се седне и да се преговара, тоа секако ќе оди малку потешко. Ова е можност да се успее кај тие кои се неопределени во овој период. Сега, има можност и тоа е причина што разговараме за формирање на широк опозициски фронт“, вели Љупчо Балковски, генерален секретар на ВМРО НП.

13119772_963123567139446_6147381712502664388_o

Стојанче Ангелов , Достоинство

„Се врши испитување на јавното мислење, по кое ќе одлучиме дали ќе се формира еден широк блок, или ние ќе формираме десна коалиција. Тоа нема да биде наша самостојна одлука, ќе зависи од СДСМ и од другите партии. Ние сме отворени за двете опции кои се на располагање. На Коалицијата за промени и правда, не планираме да се приклучиме, зборуваме за градење на десница, во која ќе учествуваат ОМ, Достоинство, ВМРО-НП и други партии. Овие партии на претходните избори добија определен број на гласови што ги прави сериозни партии кои би можеле да формираат коалиција. Иако има определени разлики во десницата, подготвени сме да ги тргнеме настрана за поголемо добро, а тоа е уривање на овој криминален режим. Ставот на Достоинство е - доколку се одлучи да се формира еден блок, тогаш лидерот на СДСМ и неформален лидер на опозицијата, треба да даде ветување дека во рок од две години, во Македонија ќе има нови избори со една изборна единица“, смета Стојанче Ангелов од Достоинство.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian