Студентски пленум: УКИМ има навика сè да решава со формирање на комисии

Ректорската управа на денешната вонредна седница, одлучи да формира комисија, која ќе ги разгледува фактите за настаните коишто се случија на 30 јуни, денот кога се избираше претседател на Студентскиот парламент. ЦИВИЛ Медиа разговараше со Александар Ташковски, еден од претставниците на Студентскиот пленум, за сите отворени прашања по денешната седница на Ректоратот. 

 

ЦИВИЛ Медиа: Ректорската управа на денешната седница, донесе одлука за формирање на комисија која ќе ги разгледува фактите за тоа што се случи на денот кога се избираше претседател на Студентскиот парламент. Претставници на Студентскиот пленум присуствуваа на седницата. За што се разговараше и колку сте вие задоволни од одлуката?

ТАШКОВСКИ: Денеска ректорската управа одлучи да се формира Комисија за утврдување на фактите. И не ми се допаѓа тоа што се формира комисија, затоа што УКИМ има навика сите проблеми да ги решава со формирање комисии. Не знам како Комисијата ќе утврди факти, кога има видео снимки за се што се случи и и беа пуштени на Ректорската управа, значи фактите се веќе утврдени, но ете, формираа комисија. Поважно од тоа е да се фокусираме на работата на Комисијата за реформирање на Статутот на УКИМ за студентско организирање. Дополнително, Ректоратот конечно искажа став дека не ја повикал полицијата и дека го осудува присуството на полиција и на ЕБР на автономен универзитетски простор без претходна дозвола од Ректорот и ги прогласи изборите за скандалозни.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се следните планови и активности на Студентскиот пленум?

ТАШКОВСКИ: Планираме да се фокусираме максимално на работата за реформирање на Статутот на УКИМ, да се вложи целата енергија и сила за таа комисија да роди некакви резултати и конкретни решенија, коишто конечно ќе дадат одговор на проблемите со студентското организирање на УКИМ.

ЦИВИЛ Медиа: Што со новоизбраниот студентски претседател?

ТАШКОВСКИ: Ве молам, тој не е студентски лидер, бидејќи се одржаа избори за претседател на здружение на граѓани. Студентскиот парламент е формиран согласно со Закон за здруженија на граѓани и фондации, а не согласно со Законот за високо образование. Ние немаме студентски лидер, туку претседател на невладина организација и толку.

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email