Ќерка ми сонува наша соба...

Ова што го раскажувам е дел од мојот живот, но и дел од животот на многу жени. Врска, свадба, дете..., сé си течеше по нормален тек на работите, сé додека еден ден, свекор ми не ја повикал мајка ми да дојде без мое знаење. Се собравме сите на куп, како што и му бил планот на свекор ми, и ни кажа дека јас не сум посакувана снаа во таа куќа и дека за мене нема место во неговиот дом. muaZsOmОстанавме вчудовидени. Неми погледи упатени еден кон друг, меѓусебно прашувајќи се - во што е проблемот. Тогаш, дотичниот ми свекор кажа дека во таа куќа, освен за бившата девојка на мојот тогашен сопруг, место за друга – нема! И што сега? Ми рече: „Твоите работи можеш да си ги собереш и да ја напуштиш куќата веднаш”. Молчам, не знам што да кажам, маж ми ќути и плаче... Тогаш се осмелив да го прашам дали сака да одиме под кирија, бидејќи имаме дете и треба да мислиме на него, а не само на нас. Но, маж ми, како и ден-денес, и тогаш немаше храброст да се спротистави. Ми рече само дека не знае што да каже, дека татко му така решил и така нека биде.

Така и беше. Почнав да си ги собирам личните работи и работите на ќерка ми, која тогаш спиеше, но за да не биде неволјата поголема, сите од семејството се нафрлија врз мене и застанаа ко жив ѕид пред детето. Свекор ми ме исфрли надвор. Започна пекол, измешани мисли и чувства...  Не знам каде да одам, што да правам. Отидов во полиција, таму никој жив нема да ти помогне. Се разбира, викенд... И, ме пратија утредента да одам во Социјално. Таму, госпоѓите љубезни - пољубезни едвај можеш да најдеш, арно ама, бев виновна затоа што ги прекинав во утринскиот ритуал за кафе. Социјалната работничка ме прими со доза на нервоза: „Што сакаш, само те молам, биди брза, морам да одам по син ми во градинка?“ Не знаев дали да зборувам или да си заминам. Сепак, почнав да зборувам, знаејќи дека никој не ме слуша.

Очекував одговор и го добив: Детето останува кај таткото. „Требало да си го земеш кога си излегла од куќата“. И објаснував дека не бев во можност да ја земам, дека бев спречена, но госпоѓата излезе и ме остави сама во канцеларија, со моите прашања. Нормално, отиде по своето дете.

Не знаев што и како понатаму. Решив да поднесам тужба за развод и да си го вратам детето, но... Пеколот штотуку почнувал. Додека се одреди рочиште, ми дозволија детето да го гледам од петок до недела. Се радував на секој викенд, а секоја недела ми беше кошмар

Си ветив дека ќе истрпам што и да е, и дека ова ќе помине. Но, доаѓа петок, одам во градинка, бидејќи ќерка ми имаше само година и два месеца,  а воспитувачката ми вели дека веќе ја зеле. Одам кај нив дома - ги нема, отишле во село. Ѕвонам на телефон, никој не се јавува. И, се така, три месеци одев од врата на врата, но никаде разбирање.

Дојде ред да одиме на суд. Таму, собрани сите како за на свадба. Свекор ми прашува може ли тој да влезе наместо син му. Не знаев дали да плачам или да се смеам. Измачувањето продолжи сé до пред четири години, кога ја доделија ќерка ми на татко и, по основ – јас сум невработена, тој има подобри услови за живот... Не знам како излегов од судницата. Надвор ме пречекаа сите, со „порака“ на нивните лица дека ме уништиле, дека ме убиле

Сама немам каде да одам, на улица, без покрив над глава, без работа... Без најважното во мојот живот - ќерка ми... Седев долго на клупата пред судот. Тогаш ми се јави брат ми. Ме повика кај нив, бидејќи цело време талкав од роднина до роднина по разводот, но можев да ги видам нивните незадоволни погледи и нервозата што сум таму. Отидов дома, а погледите на комшиите и шепотењето не ме одминаа. Бев во депресија, плачев затворена во соба, но тоа не ми олеснуваше

Кога решив да започнам нов живот, почина татко ми...

Долгови до гуша...

Само што се вработив, земав кредит и заглавив повеќе, бидејќи не можев да го вратам.  Имам минимална плата. Кирија, адвокат, детенце, сметки..., не останува за ништо.

Сега, сé е исто како тогаш, долгови, кирија, сметки... Но, ќерка ми си ја вратив. Има девет години, а претходните пет ги поминавме одделени една од друга. Затоа, последниве четири години уживаме во сите моменти, во секоја секунда заедно. Ми треба помош за кирија, за храна, за облека, за греење, за старите долгови...

Но, јас сепак, сум среќна. Сонот на ќерка ми е да имаме барем една соба, наша, сопствена. А мојот сон е таа да биде здрава, среќна и весела.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.

Print Friendly, PDF & Email