Во петок истекува рокот за учество на натпреварот за граѓански новинари

Рокот за пријавување на прилозите на заинтересираните граѓан(к)и на натпреварот во рамки на проектот „Граѓански објектив“, завршува на полноќ на 23 септември (петок).

ЦИВИЛ – Центар за слобода упатува повик до граѓанските новинарки и новинари активно да се вклучат и да ги искористат последните денови до истекување на рокот за учество на натпреварот. Тоа можат да го направат преку свои фотографии, видео и аудио материјали, како и текстови, и на тој начин да придонесат во процесот на креирање на слободно и објективно известување за настаните кои се поврзани со кршење на човековите права и слободи и со злоупотребите во изборен контекст и пошироко.

12656041_10153247814282015_74929135_o-1-500x184

Во досега одржаните осум циклуси на натпреварот, ЦИВИЛ додели 40 награди за граѓански новинари за вести, фото и видео стории кои сведочат за најразлични видови кршење на човековите права низ целата земја. Влијанието од прилозите на граѓанските новинари, со секој нареден награден циклус е сè поголемо. Последните пет награди кои ЦИВИЛ ги додели, предизвикаа големи реакции од читателите, од институциите на кои се однесуваа прилозите, а направени беа и зафати од надлежните лица за санирање на проблемите кои беа посочени од граѓанските новинари.

DSC_0033

Третата награда од августовскиот циклсу ја доби анонимен граѓански новинар за текстот „Свлечиштето кај Кнежино однесе половина пат!“. Веднаш по објавувањето на текстот, градежната фирма „Гранит“ под притисок на Општина Кичево итно интервенирашеи го прошири патот. Првата награда поради големата читаност, реакции, споделување и превземање на содржината, ја освои текстот „Изби вода од Археолошкиот музеј!“. По објавувањето, следеа серија медиумски содржини кои зборуваат за начинот на кој се изградени објектите кои се дел од „Проектот Скопје 2014“, но и за проблемите во Археолошкиот музеј. Оваа тема побуди голем интерес во јавноста и иницираше бурна дискусија на социјалните мрежи.

Овие прилози го покажуваат влијанието кое граѓанските новинари можат да го имаат со само една сторија.

Со проектот „Граѓански објектив“ секој може да придонесе за позитивни промени во општеството. Сé што треба да направите е да снимате, фотографирате и да напишете краток текст кој сведочи за прекршување на човековите права во поширок контекст.

За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА. Прилозите може да се испраќаат и на [email protected], а доколку материјалот е преобемен, треба да се користат онлајн сервисите за трансфер, како WeTransfer.

Проектот „Граѓански објектив“е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian