Социјални работници во Прилеп манипулираат со корисници на социјална помош

Прилепски социјални работници деновиве, наспроти предвремените парламентарни избори, повикувале корисници на социјална помош да се јават во Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, и лично им ги врачувале решенијата, со кои што се потврдува дека се корисници на ова законско право.

„Ова секако е 'одлука' на Меѓуопштинскиот центар и нема врска со Министерството. Одредени кадри, одделни социјални работници, коишто се на одредени работни места или се вработени од партијата на власт и од коалиционите партии, така манипулираат со граѓаните, како тие да им помогнале да дојдат до социјална помош. На тој начин, вршат притисок врз овие ранливи категории граѓани, 'покажувајќи им', кому се должници за ваквата ‘услуга', што е всушност, нивно законско право“, информираат извори на Грин ЦИВИЛ.

Добро упатените во работата на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, тврдат и дека деновиве сé поинтензивни се повиците на социјалци, на коишто им е скратено ова законско право, да се јават во конкретни простории, „соба бр…“, кај конкретни социјални работници, со ветување дека овој пат ќе добијат социјална помош.

ЦЕНТАР ЗА СОЦИЈАЛНА РАБОТА-ПРИЛЕП

„Па, се знае кој тоа го организира и кој го спроведува. Целта е да се пазарат пак со изборни гласови, посредно, кажувајќи им дека тие ќе им помогнат, ветувајќи им дека овој пат ќе добијат социјална помош... Се манипулира со граѓаните, на коишто им се скратени правата“, потврдуваат изворите на Грин ЦИВИЛ.

Прилепскиот центар беше предмет на обвинувања, реакции и тврдења на граѓани и за изборите во април 2014-та. Истакнати социјални работници беа споменувани дека на денот на изборите, во населбата Тризла во Прилеп, делеле решенија за користење социјална помош на граѓани од ромска националност.

Во интерес на објективното информирање на јавноста, побаравме одговор од директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Снежана Јованоска. Таа не одговори на телефонскиот повик. Но, во првиот момент, кога Грин ЦИВИЛ ќе дојде до одговор, тој ќе биде презентиран за јавноста.

На околу 5.600 семејства или околу 26.000 граѓани на ниво на државата, поради ретроактивна примена на законите, им е скратено правото на социјална помош, во време кога со ресорот раководеше, министерот Диме Спасов. Ова во фебруари годинава, за ЦИВИЛ, го изјави актуелната министерка Фросина Ташевска Ременски, којашто, сега вели дека токму со цел да се избегнат изборните манипулации со социјално загрозените граѓани, обновата на документите ќе се врши по изборите.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email