Смената на уредникот Димитровски претставува политички притисок

Политичкиот притисок врз медиумите продолжува. Зоран Димитровски, главен уредник на дневниот весник „Нова Македонија“ е сменет од таа позиција. „Отказот го добив затоа што ми беше речено од страна на Јорданов дека сум ги нарушувал професионалните новинарски стандарди и сум манипулирал политички, сум манипулирал со вистината во моите колумни. За сега нема ништо на писмено и веројатно ке добијам образложение исто такво како што ми го соопшти Минчо Јорданов“ – изјави Димитровски за медиумите.

Зоран Димитровски

Зоран Димитровски

Претстедателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, изјави дека ЗНМ очекува објаснување од сопственикот на весникот кои се причините за сменувањето на главниот уредник Зоран Димитровски. „Симптоматично е што ваквата одлука доаѓа  по распишување на претседателските избори, а во јавноста гласно се говори дека ќе има и предвремени парламентарни избори. Постои сомнеж дека причините за смената на Димитровски можат да бидат политички.“ - вели Селмани во својата изјава до јавноста.

Цивил – Центар за слобода се придружува кон реакциите во јавноста по смената на Димитровски од неговата позиција и се согласува со констатациите дека причините за оваа смена претставуваат политички притисок и порака до сите новинари дека нивната работа и позициите зависат од потребите и волјата на центрите на моќта во државата.

Ја користиме оваа можност да ги повикаме новинарите и уредниците да продолжат со редовната комункација со Цивил и да ни доставуваат информации за кршењето на нивните права. Воедно, ја изразуваме нашата поддршка на новинарскиот синдикат и на релевантните организации во земјата, во одбрана на слободата на изразувањето и медиумските слободи.

Да потсетиме, Зоран Димитровски е уредник во весникот „Нова Македонија“ гласно застана во одбрана на својот колега, новинарот Томислав Кежаровски кој беше спектакуларно уапсен, помина низ петмесечна агонија во истражниот притвор во Скопје, беше осуден на 4,5 години затвор за текст објавен во 2008 година и сега е во домашен притвор во очекување на правосилност на пресудата. Кежаровски беше новинарот кој ја истражуваше смртта на Никола Младенов, уредник на независниот политички неделник „Фокус“, што според изјавата на еден од адвокатите веднаш по судењето го наведе како вистинската причина за прогонот на Кежаровски.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish