Скопје „мириса“ на инциденти...

Политиката на која порано гледавме како нешто што само возрасните го прават, сега, за жал, е длабоко навлезена и во училишните дворови и во маалските друштва, и како да е неизбежна и во секојдневниот живот и на младите. 

Ермин Климента

Пишува: Ермин Климента

Секој што израснал во мултиетничка населба може да посведочи за настани кои најчесто придонесувале кон етничка тензија или тепачки. И секој, и самиот знае дека тоа се ретки и еруптивни настани, кои со тек на време, ги снемува и во тој период од раснењето и животот, најчесто се сведуваат на детски глупости... Бидејќи, како што раснат, децата се запознаваат, играат и интегрираат меѓусебно, со што ги негираат националистичките тенденции на некои од врхушките на власт кои го посакуваат тоа насилство и омразата од обете страни, за полесно да владеат, држејќи ги луѓето во страв, од „другите“ и „инаквите“...

Но, што со оние во „средината“? Што со Турците, Ромите, Бошњаците, Власите, Србите...? Со оние кои не се директен дел на македонско-албанското покажување мускули? Или, што со сите нас, без оглед на националноста (значи, и оние меѓу Македонците и Албанците) кои не припаѓаат на поделените, на националистичките трла, во кои би сакале да не втурнат и затворат, дел од нашите владетели? Што со сите нас, „обичните смртници“?

Или, од друга страна, што пак, со оние, чии деца не се тие кои во секој предизборен циклус страдаат на автобуски станици, во училишни  дворови и во кафулиња...? Зашто, нивните деца одат „во пакет“ со шофери и со приватно обезбедување (додека „обичните“ студенти чекаа со децении за бесплатен автобуски превоз - Македонија беше уникатен пример во светот, прво им обезбеди бесплатен превоз на пензионерите како гласачка машина, па дури потоа, како нова, предизборна мерка, и на студентите...), и не се во директна опасност да бидат нападнати од некој нас’скан тинејџер, демек, бранител на националната кауза...

Навистина, што да се прави со оние кои со било какви средства се добрале до некоја функција, и не бираат начин да ја задржат позицијата која значи моќ во општеството? Овие вториве, лесно и без скрупули или грижа на совест, веднаш ќе ги жртвуваат, првите - „обичните“, за своите лукративни цели!

Токму затоа, додека деновиве се одбележуваат територии со споменици, и хистерично се реагира на Интернет на очебијните провокации на политичарите во заминување од сцената, се плашам дека повторно не очекуваат „местени“ тепачки на младите. Иако сакам да верувам дека веќе првиот следен пат, кога организаторите на ваквото лудило ќе се обидат да ги испровоцираат младите на меѓуетнички инциденти – ќе бидат поразени и ќе доживеат неуспех, сепак, кога ги гледам незадоволните, мрачни лица на комшиите, на нивните деца - не ми е сеедно.

Граѓаните на Македонија станаа циници за по дома, ама сепак, најчесто им прогледуваат низ прсти на партиите и политичарите кои одамна требаше да ги казнат. И го напластуваат незадоволствто. И го рефлектираат и дома, врз своите деца, кои се пак, не само поради возраста и адреналинот, незадоволни од сé што ги опкружува... А таквата состојба најчесто е идеална формула за ерупција на бес и омраза против... сé и сешто.

Моето сакано Скопје, повторно „мириса“ на испровоцирани меѓуетнички тепачки... Ајде, ние, нормалните, да не им дозволиме да нé закрват!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian