Роди ме мајко, во Македонија...

Да си самохран родител во Македонија мора да имаш челични нерви и трпение до небо. И секој ден да се чудиш како да преживееш и да ги прехраниш децата. И, како самохрана мајка, да се трудиш да опстанеш, а да не му дозволиш на работодавачот да те гледа како секс-играчка и да влегува на јуриш во твојата интима...

А да запишеш дете во градинка, за тоа треба олимписко злато да освоиш. Социјалната служба, нели, има сé. Јас нешто тоа - сé, никако да пронајдам. Оставена сум на милост и немилост, како граѓанка од трет ред. Ако дојдам до „вториот ред“, ќе бидам „на коњ“. Голем и висок, како оној на скопскиот плоштад.

Мислам дека секоја самохрана мајка треба да помине со детето под Триумфалната капија. И, да не заборави да го потсети: „Е, ова сине, чини колку 10 училишта што можеше државата да ги направи, за децата како тебе, да учат во уредно и чисто опкружување“.

Ама, што  ќе им е школо на моиве деца, само што се родија, го закопавме болниот им татко... Имаат пречки во развојот, а јас нон-стоп се карам со баби и дедовци, кои немаат доволно разбирање за потребите на децата.

За градинка чекам од преклани. Не нé примаат. Уште сум сама, со близнаците со чувствително здравје. Никој не ми излегува в пресрет. Заробени сме дома по цели денови.

Роди ме мајко, во Македонија... Се чувствувам како фрлена на буниште, да скапувам. Роди ме мајко во Македонија..., и јас деца да изродам. И со неколку раце апчиња на ден, да преживувам..

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители.

Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво.

Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.

 

Print Friendly, PDF & Email