Јозиќ-Илековиќ: ДИК треба да ги едуцира гласачите и да го штити гласачкото право

На јавната дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и на Македонија во компаративна перспектива“, што ЦИВИЛ - Центар за слобода ја организираше во рамки на проектот „Моето гласачко право“, една од воведничарите беше и Александра Јозиќ-Илековиќ, актуелна советничка  на министерот за управа во Хрватска, која осум години  била потпретседателка на хрватската изборна комисија.

„Независна и непристрасна државна администрација е клучен фактор за веродостојноста на изборите, каде што веродостојноста на изборната постапка е супстенцијален фактор во консолидација на демократијата. За спроведување избори треба да има стручни лица кои го познаваат изборниот систем и да се етички и политички неутрални“, изјави Јозиќ-Илековиќ зборувајќи за Изборниот законик и за спроведувањето на изборните процеси во Хрватска. Според неа, изборната администрација секогаш треба да им биде на услуга на граѓаните и достапна онлајн во секое време за потребите на гласачкото тело.

„Она што во законот за изборите му е дадено на ДИК е да даде мислење за надградба на изборниот процес. ДИК само дава мислење за дополнување или измена на Изборниот законик и го доставува до сите релевантни политички чинители во Хрватска, и до јавноста, преку објавување на веб-страницата на ДИК, но и преку тркалезни маси, работилници и слично“, објасни Јозиќ-Илековиќ споредувајќи ја работата на државните изборни комисии во Хрватска и во Македонија.

http://https://www.youtube.com/watch?v=oXmrKgNjkHI

Целта на дискусијата чие мото беше „Влезот е слободен, излезот е возможен“, е можноста за пронаоѓање на решенија за излез од политичката криза, но и решенија за спроведување на регуларни, демократски и пред сè, фер и слободни избори. Оваа дискусија е само дел од низата активности кои ЦИВИЛ – Центар за слобода ги спроведе летово, со цел запознавање  на граѓаните и граѓанките во Македонија со гласачкото право.

 (Транскриптот од интегралното излагање на госпоѓата Јозиќ-Илековиќ, погледнете го тука)

Print Friendly, PDF & Email