Протест на ЗНМ за ослободување на Божиновски

Во четврток на 1 септември, пред Основниот суд во Скопје, Здружението на новинари на Македонија - ЗНМ организира протест за ослободување на новинарот Зоран Божиновски. На истиот ден, закажано е и првото рочиште од судењето на Божиновски 

 

14045112_10154602919033254_235158863_o-1024x576

„Има најмалку две причини зошти ние сме убедени дека процесот против Божиновски е обична политичка конструкција на власта, злоупотребувајќи ги законите и институциите. Првата е дека институциите кои толку многу инсистираа да се екстрадира Божиновски од Србија, сега непотребно ја одлагаат постапката. Ако Обвинителството имаше докази, тогаш зошто им беа потребни речиси четири месеци да го обвинат Божиновски? Какви докази бараше Обвинителството во меѓувреме, кога за предметот 'Шпион' веќе првостепено се осудени 19 лица? Очигледно е дека Обвинителството купува време затоа што нема цврсти докази да го поткрепи обвинението... Освен тоа, нема никаква рационална причина Божиновски четири месеци да биде држан во притвор под исто образложение, дека постои опасност да ја напушти земјата и да влијае на истрагата. Како е можно Божиновски да влијае на сведоците, кога за случајот веќе е донесена првостепена пресуда“, се вели во соопштението на ЗНМ.

ЗНМ потсетува дека Македонија, како членка на Советот на Европа и потписник на Европската конвенција за човекови права и слободи, има обврска да ги почиитува пресудите на Европскиот суд.

Претходно, ЗНМ побара од специјалната обвинителка Катица Јанева, да го преземе одвоениот предмет на новинарот Зоран Божиновски од Обвинителството за организиран криминал, поради неговата поврзаност со предметот „Шпион“, врз кој СЈО веќе има воспоставено надлежност. Сепак, предметот за Божиновски остана во надлежност на Јавното обвинителството, иако предметот „Шпион“ е во надлежност на Специјалното јавно обвинителство.

13405582_1138662612862913_2092720226_o-1024x768

Осуда до македонските власти за апсењето на Божиновски, пристигна и од Меѓународната федерација на новинарите, која во јуни  усвои ургентна резолуција и изрази целосна поддршка на новинарот Божиновски и на напорите на ЗНМ за заштита на слободата на медиумите и на правата на новинарите во Македонија.

Божиновски во април оваа година беше уапсен во Нови Сад, по налог на српското Министерство за правда, како осомничен во случајот „Шпион“, по меѓународна потерница, распишана во ноември 2013 година,  по што беше веднаш екстрадиран во Македонија.

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian