НЕДЕЛНА АНАЛИЗА: Избори или продлабочување на кризата?

Очите на македонската јавност се свртени кон лидерската средба, Груевски-Заев-Ахмети-Тачи, закажана за 31 август (среда), кога конечно, треба да се финализира договореното од последниот анекс на пржинскиот Договор и да се закаже датумот за избори. А, потоа, да профункционира преодната влада, која за три месеци треба да ја изврши дефрагментација на македонските институции за да се остварат слободни, фер, кредибилни, избори кои ќе значат победа и враќање на македонската демократија.

Според најголемата опозициона партија СДСМ, веќе нема пречки за да се закажат вонредни избори. Од ВМРО-ДПМНЕ, уште од април се со став дека во Македонија има услови за избори, но сепак, ќе одлучат во среда, зашто тоа ќе зависи „од решеноста на СДСМ да се престраши од соочување со граѓаните“. Додека ДПА остана без коментар за јавноста по ова прашање, ДУИ смета дека условите се исполнети, и конечно, треба да финишира политичката криза.

Но, дали се исполнети главните предуслови: квалитетна ревизија на Избирачкиот список и регулација на медиумите, само преку формирање на ад хок телото и именување на главен уредник на националниот канал на МТВ?

 

ИЗБИРАЧКИ СПИСОК

 

Државната изборна комисија ќе избрише 30.467 спорни гласачи

Заврши ревизијата на Избирачкиот список. Државната изборна комисија (ДИК) го усвои извештајот, според кој, своето право на глас на јавниот повик не го докажале 30.467 од вкупно 39.502 граѓан(к)и  и тие ќе бидат избришани од Избирачкиот список. Во рокот за пријавување од 26 јули до 19 август во ДИК пристигнале 8.922 пријави, од нив, 8.901 пријава се прифатени, а останатите се одбиени од правната служба. Три или повеќе членови на ДИК, во рок од 10 дена по истекот за пријавување, можат да побараат дополнителна проверка за кое било од лицата.

Со Законот за дополнување на Изборниот законик, согласно со политичкиот договор, ДИК беше задолжена да спроведе процес на активна регистрација на 39.502 лица, за кои при спроведените административни и теренски проверки се утврдени спорни записи. Од ДИК велат дека направиле сé што е во нивна моќ за да ги информираат граѓаните за нивно пријавување.

Но, за граѓанските организации останува нејасно, зошто ДИК целиот овој период додека траеше ревизијата на Избирачкиот список, не одговори на ниту едно од бројните прашања кои се однесуваа на квалитетот на самиот процес на ревидирање на списокот со спорни гласачи.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, организација која активно го мониторира изборниот процес, по многубројни, безуспешни обиди од ДИК да се добијат бараните одговори, порачува и опоменува дека „членовите на ДИК не одговараат пред своите партиски лидери, туку пред законот и пред граѓаните на Република Македонија. ЦИВИЛ нема намера да се конфронтира со најрелевантната институција која има обврска да обезбеди услови за слободни избори, но не може да си дозволи да ги премолчи прашањата и барањата за функционирање на институциите во согласност со Уставот, законите и меѓународното право“

 

 

МРТВ

Телото за медиумска регулација не може да се саморегулира

Една недела пред лидерската средба, иако се уште не е ни формирано, изби првата, очекувана пречка во работата на ад хок телото за медиумска регулација. Четворицата членови, именувани од двете најголеми партии од македонскиот политички блок, по двајца од ВМРО–ДПМНЕ и од СДСМ, не можат да постигнат спогодба и да го изберат петтиот член, којшто треба да биде етнички Албанец, а кој потоа, треба да биде назначен за претседател на оваа Привремена комисија за преизборен тримесечен медиумски мониторинг. Но, тоа воопшто не е изненадување за јавноста. Именувањето кадри од партиските штабови, логично е да продуцира негативен епилог уште на првата работна средба.

Сефер Тахири го поддржуваат членовите, кои ги предложи СДСМ, а Даут Даути, другите двајца предложени од ВМРО-ДПМНЕ. За членовите предложени од власта не бил прифатлив Тахири, зашто учествувал во протестите на Шарената револуција, а членовите на опозицијата го одбиле Даути, зашто бил член на Комисијата за лустрација.

Така, ад хок телото, повторно бара политичка интервенција, а погледите повторно се вперени во политичките штабови. И во овој вакуум, оттаму се чека решение, наместо да се изврши избор на искусен и признат новинарски стручњак, кој неприкосновено ќе се бори за дигнитетот на професијата и за базичната медиумска обврска за објективна, вистинита и балансирана информација до реципиентите, до граѓан(к)ите во сите региони од државата.

Политиката овој проблем го чита со својот политички вокабулар. За ВМРО –ДПМНЕ, ад хок телото „не смее да подлегне на притисоците на Заев“. А, во СДСМ сметаат дека „ВМРО-ДПМНЕ не сака слободни медиуми, објективно информирање и избори на кои граѓан(к)ите слободно ќе го дадат тој глас“.

Сепак, одреден напредок во медиумската сфера е постигнат. Владата го повлече од собраниска процедура, Предлог-законот за медиумски и информативни кампањи, официјално, според Министерството за информатичко општество и адинистрација, само поради доработка на текстот. Но, факт е дека овој Предлог закон предизвика многу турбуленции во јавноста, опозицијата, но и кај еснафските здруженија. ЗНМ жестоко се спротивстави и одби да учествува на дебатите, зашто, со овој закон „ќе се легализира корупцијата на медиумите“.

 

 

СЈО

Јавноста чека судска разврска за прекршителите, а СЈО бара време за истрага

Иако јавноста многу порано очекуваше, не само комплетирани предмети кои се однесуваа на владини функционери инволвирани во аферата „Прислушување“, Специјалното јавно обвинителство (СЈО) до денес, не заокружи ниту една истрага. Од почетокот на формирањето на ова супер- Обвинителство, се вршат опструкции на сите можни начини.

Згора, според СЈО, 18 месеци е прекус рок за целосни и објективни истраги за предметите, коишто произлегуваат од снимките од незаконското прислушување. Оттаму апелираат до Собранието да го продолжи рокот за завршување на истражните постапки. Според Законот за Специјално јавно обвинителство, рокот за поднесување обвиненија ќе заврши кон средината на идната година. Според тоа СЈО за следниве 10-ина месеци треба да поднесе обвиненија за повеќе од 20  истраги што ги води во моментов.

Од декември  до денеска, отворени се седум истражни постапки за случаите: „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Транспортер“, а во надлежност на СЈО сега се и случаите „Пуч“ и „Шпион“, но конкретни обвиненија нема.  Иако обвинителите бараа притвор за девет лица,  судот одобри само за двајца осомничени. За началникот на Петтата управа на МВР, Горан Грујоски кој за случајот „Тврдина“, подоцна беше во домашен  притвор, а по аболициите на  Иванов и  нивното укинување, судот го ослободи.  Во моментов, во домашен притвор единствено се наоѓа битолскиот градоначалник, Владимир Талевски.

 

 

THE GUARDIAN

Граѓан(к)и едвај егзистираат, на маргините од политичката криза

Македонија и изминатата недела наликуваше на една голема арена која власта ја користи, со цел да освои што повеќе гласови на следните избори. Премиерот Емил Димитриев, придружуван речиси секаде од својот „колега“ -  премиерот во сенка, Никола Груевски, лидерот на ВМРО –ДПМНЕ, ја користи секоја прилика да создаде слика за инвестициска експанзија во Македонија, и за енормно отворање на работни места. Преку објективот на медиумите диригирани од власта, повторно се пласираат масовно информации за неверојатни економски проекти.

И точно, за овие 10 години,  по вторпат е рестартиран рудникот во Злетово. Фирмата „Булмак“, вработи 300 луѓе, а се најавуваат уште 700 нови работни места. Но, истовремено, од МЗТ „Леарница“ 180 граѓан(к)и протестираат, зашто со месеци немаат земено плата, а (државата) извршителите им ги блокираат сметките. Младите секојдневно ја напуштаат својата земја, одбивајќи да ја живеат и натаму 10-годишната агонија, како последица на партиските вработувања и непостоењето на вистински критериуми за работа.

Дури 60 отсто работници во Македонија, според статистиките на Централна банка, имаат плата пониска од просечната, додека 16.2 отсто имаат плата еднаква или малку повисока од просечната. Македонија е меѓу државите со најниски плати во регионот.

Но, власта тоа многу добро го знае. Сега, пред избори, спас и помош се бараат на сите страни. Но, Обединетата македонска дијаспора, се пожали и побара да биде повлечен економскиот промотор на Македонија во Вашингтон, Оливер Ристиќ, зашто со погрдни зборови ги искарал иселениците, бидејќи не собрале доволно донации за настраданите во поплавите и затоа што ретко се враќаат и не инвестираат во Македонија.

А, според британски „Гардијан“, Македонија е една од земјите во кои се прават чевли од луксузните британски брендови (обувки Геокс), а работниците земаат незаконски ниски плати во износ од 8.000 денари и работат во лоши услови и прекувремено. Но, без медиумска регулација, македонските граѓан(к)и и натаму ќе бидат консументи на владината медиумска фатаморгана дека Македонија е „економски рај во светот“.

Моника Талеска

Print Friendly, PDF & Email