„Само информирана, медиумски писмена популација може да направи рационални и неемоционални одлуки, а зајакнувањето на образовните програми за медиумска и Интернет писменост, може да го изгасне оганот што го разгоруваат пропагандистите“, пишува претставничката на ОБСЕ за слобода на медиуми, Дуња Мијатовиќ.
Денешниот свет е поврзан - културно и економски, повеќе од било кога. Вистинската прекугранична дисеминација на информации е овозможена благодарение на современите технологии; патувањата во странство се достапни за многумина. Во овие услови, пропагирањето на војна и омраза е ефективно само во средини каде што владите ги контролираат медиумите и премолчано го поддржуваат говорот на омраза.
Флексибилен, слободен систем на медиуми е спротиставување на омразата. Ниту една од големите приватни медиумски компании не може, сама по себе, да доминира над мислите на модерниот маж и жена, со наративот на уништување. Саморегулаторни и корегулаторни тела во областа на медиумите треба да се обезбедат за рано предупредување во овој поглед. Напротив, во медиумски систем, каде што владините медиуми доминираат на теренот и се обидуваат да завладеат со умот на населението, преку типичен сет на "потиснување, дисторзија, пренасочување и измислици", заканата е реална.
Воената пропаганда може да се одржи во медиумите само таму каде што Владата не дејствува против неа. Молчењето на државните обвинители и судови за воената пропаганда, малтретирањето на граѓанското општество, критички настроено кон таквата политика, од безбедносните агенции, политичките обиди да се изолираат опозициските размислувања, може да доведе до нејзиниот успех, барем на краток рок.
Ако се применува на правен начин, во согласност со владеењето на правото, забранувањето на пропагандата за војна и омраза помага, а не го ограничува слободното изразување. Потребни се јасни дефиниции за кривичните дела и солидна основа во нормативните акти. Во пракса, тоа не е случај. Судовите мака мачат при анализирањето на пропагандата, омразата, поттикнувањето и војната.
Нема логика во вметнување на забрана за пропаганда на војната и омразата во меѓународните норми, во врска со слободата на изразување и слободата на медиумите. Прво, ваквата пропаганда не е човеково право, додека забраната му служи на човековото право на живот и недискриминација. Меѓународните стандарди за слободата на говорот ги земаат предвид и штетите што може да бидат вклучени во користење на оваа слобода, во смисла на тоа дека забраната за пропаганда на војната и омразата може да спречи смрт и дискриминација на луѓето. Второ, ефективно воведување на оваа забрана е обврска на владите, додека некои други ограничувања на слободата на изразување, се дозволени само според националното право. Конечно, правото на слободен говор не е дизајнирано да повикува на агресија, да шири реторика на омраза која служи за дискриминација, непријателство или насилство.
"Најтешките, предизвикани од човек, катастрофи со кои се соочил нашиот свет во текот на вековите - Инквизицијата, трговијата со робови, Холокаустот, гулагот во Советскиот Сојуз, геноцидот во Камбоџа или Руанда - не само што вклучуваа, туку и бараа тоталитарна контрола на изразување, мислење и, на моменти, дури и совест... Омразата има потреба и се храни со цензурата, која, пак, е потребна за да се негува незаконско поттикнување на вистинско извршување на насилни криминални дејствија. Лекцијата е јасна: во нашите напори да се спречат масовни злосторства, слободниот проток на информации и слободата на изразување, во крајна линија се наши клучни сојузници - не наши непријатели ".
Додека продолжува да биде значајно правните механизми да се усогласат со член 20 од ИКГПП (Интернационална конвенција за граѓански и политички права), легислативата е само дел од една поголема кутија со алатки за да се одговори на предизвиците на пропагандата. Оваа кутија со алатки ги содржи следниве дополнителни инструменти:
1.Пропагандата е особено опасна кога доминира во јавната сфера и го ограничува пристапот до информации, со што ги спречува поединците во изразување и формирање мислења и идеи, затоа од клучно значење е да се спроведе медиумски плурализам како ефикасен одговор кој создава и ја зајакнува културата на мир, толеранција и меѓусебно почитување. Непречениот развој на нови технологии, вклучувајќи ја дигиталната радиодифузија, мобилните комуникации, Интернет медиумите и социјалните мрежи, треба да овозможи значително подобрување во ширењето на различни информации.
2. Владите и политичките лидери треба да се воздржат од финансирање и користење пропаганда, особено кога пропагандата може да доведе до нетолеранција, дискриминаторски стереотипи или може да поттикне војна, насилство или непријателство. Ова вклучува чекори кон укинување на медиумите контролирани од владата или од нејзините застапници, воздржување од спонзорирање на Интернет тролови или од воспоставување други тајни медиумски операции.
3. Медиумските јавните сервиси со силни професионални стандарди треба да се силно поддржани во нивните независни, одржливи, и достапни активности. Спротивната линија на дејствување значи корумпирање на професионалното новинарство.
4. Пропагандата генерално треба да биде откриена и осудена од владите, граѓанското општество и меѓународните организации, како несоодветен говор во демократскиот свет и во професионалното новинарство. Владите и политичките лидери имаат клучна улога во зборувањето, решително и брзо против случаи на пропагирање на војна, на нетолерантно изразување и на случаи на говор на омраза во медиумите.
5. Независноста на судските и медиумските регулатори треба да е гарантирана со закон и со политики, така што нема да им служат на политички интереси или да се употребат во смисла на искористување на ограничувањата за пропаганда на омраза, за ограничување на спротивставените гласови и слободата на изразувањето.
6. Основните примери на пропагирање на војна и омраза треба да се решат со широк сет на политики, на пример, во областа на меѓународниот и интеркултурен дијалог, како што се дијалогот меѓу новинарите, интелектуалците и промовирање на медиумското образование и демократија базирани на мир, слобода на изразувањето, плурализам и разновидност. Граѓаните треба да се охрабруваат да ги изразат различните мислења и ставови и информации кои поттикнуваат конструктивен дијалог и дебата. Покрај тоа, позитивните традиционални вредности, во согласност со меѓународно признати норми и стандарди за човекови права, исто така, можат да придонесат за борбата против поттикнување на омраза и војна.
7. Националните и меѓународни механизми за човекови права и механизмите за слобода на медиумите, специјализираните саморегулаторните и корегулаторни тела, стручни организации и независни мониторинг институции, да имаат услови, да поттикнат социјален дијалог во динамично граѓанско општество и да адресираат поплаки за инциденти на негативна пропаганда. Постои потреба од зајакнување на важната работа на регионалните мониторинг групи за човекови права и за слобода на медиумите, како што е Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, тие да ги советуваат и ги поддржуваат националните политики во овој поглед. Тие треба да имаат можност да го олеснат дијалогот, да промовираат мир и меѓукултурно разбирање и учење.
8. Само информирана, медиумски писмена популација може да направи рационални и неемоционални одлуки, а зајакнувањето на образовните програми за медиумска и Интернет писменост може да го изгаснат оганот што го разгоруваат пропагандистите. Владите треба да вложуваат во такви програми, како и во олеснување на медиумски студии во средното образование.
9. Медиумското саморегулирање, таму каде што е во сила, продолжува да биде најсоодветниот начин за адресирање на професионални проблеми. Преку саморегулација, медиумите ги остваруват своите морални и општествени одговорности, вклучувајќи и контра-акција на пропагандата на омраза и дискриминација. Етичките кодекси, саморегулаторните и корегулаторните инструменти треба да придонесат случаите на пропаганда да го привлечат вниманието на јавноста.
Тие мора да станат пречка за негативните стереотипи на поединци и групи кои се поткрепени во медиумите, и да ја зајакнат свеста за штетата предизвикана од дискриминација. Новинарските организации, саморегулаторните тела, сопствениците и издавачите се должни сериозно да ја прегледаат содржината што ја произведуваат. Пропагандата им прави штета на сите веродостојни, етички новинари, кои се бореле, и, во некои случаи, ги дале нивните животи, за вистинско, искрено новинарство.
Преземено од „Пропаганда и слобода на медиумите“, објавено од претставничката за слобода на медиумите во Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ.
Дуња Мијатовиќ е претставничка на ОБСЕ за слобода на медиуми, која треба да помогне и да да обезбеди дека сите 57 земји-членки на ОБСЕ ќе ги почитуваат своите обврски за слободата на изразување и слободата на медиумите.