Ново задолжување од 31.700.000 евра!

Денеска, Министерството за финансии реалзираше ново задолжување во износ од 31.700.000 евра. Со првото задолжување од годинава, јавниот долг достигна речиси 4,7 милијарди евра или 50,6% од  бруто-домашниот производ.  

СДСМ во своето денешно соопштение предупредува дека Владата ги задолжува граѓаните за нови 15 милиони евра повеќе од потребните 15 милиони евра долг што доспева оваа недела.

„Бараме од Кирил Миноски веднаш да објасни за кого и за што побарува 15 милиони евра повеќе, што треба да ги враќаат граѓаните. Да не се осмели Миноски да лаже дека парите се за тековни расходи!“, бара СДСМ.

Од СДСМ потсетуваат дека против Миноски и заменик-министерката за правда Бришковска веќе се поднесени кривични пријави за незаконско задолжување на граѓаните.

„Граѓаните на Македонија избраа промени затоа што не сакаат нови милионски задолжувања и на нивните деца и внуци“, се вели во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ со својата шпекулативна политика и манипулирањето со јавниот долг не направи ништо друго, освен што ја зголеми каматата на еврообврзницата и ги чинеше македонските граѓани 30 милиони евра.

„Да го потсетиме СДСМ и дека во последниот извештај на ММФ за Македонија, функционирањето на пазарот на државни хартии од вредност доби пофалба од Фондот, и покрај опструкциите на тогашниот дополнителен заменик-министер Наумов. Исто така, добивме оценка дека нивото на долгот е умерено. Со оглед дека СДСМ пропагира аранжман со Фондот, што инаку значи ново задолжување, зошто тогаш не го удостојат нивното мислење и признаат дека нивото на долг е умерено и дека пазарот на државни хартии од вредност одлично и соодветно функционира“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

 

Print Friendly, PDF & Email