ЦИВИЛ во Битола на промоција на „BT - TOXIC“

Здружението „За нас се работи“ од Битола, во рамки на проектот „Граѓанска вклученост во решавање на проблемите во животната средина“, денеска ќе го промовира документарниот филм „BT - TOXIC“ во клуб „Позитив“, со почеток во 18:00 часот.

Високиот степен на загаденост, големиот морталитет и детектирањето на сè поголемиот број депонии во битолскиот регион, ги поттикна активистите на решавање на проблемите, во соработка на граѓан(к)ите со надлежните органи. Здружението во 2014 година ја промовираше граѓанската иницијатива „Битола сака чист воздух“.

Веќе со почетокот на 2015 година, членовите на Здружението започнаа со проектот „Информирај се, едуцирај се, активирај се“, во чии рамки организираа трибини за запознавање на граѓан(к)ите со нивото на загаденост во нивната средина, со повик на активно вклучување во решавањето на еколошките проблеми. Затоа, дел од нивните активности се и еко-патролите на територија на Битола.

Оваа година, здружението стартува со документарецот „BT - TOXIC“ кој ретроспективно го прикажува порастот на степенот на загаденост во Битола.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја имаше таа чест да биде поканет на промоцијата на „BT - TOXIC“. Со оглед на нашата заедничка соработка и потребата за заштита и за исполнување на правото на секој човек да живее во здрава животна средина, вечерва, ЦИВИЛ, со своето присуство во Битола, ќе ја искаже својата поддршка за партнерската организација „За нас се работи“ и за битолските активисти за здрава животна средина.

Print Friendly, PDF & Email