За Комесарот Тони и антидискриминациските работи

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација доби нов состав. Пратениците во Собранието на РМ ги изгласаа новите членови на оваа Комисија, која треба да биде стожер на борбата против растечката нетолеранција и дискриминација во нашето општество.

Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Доколку се видат извештаите и препораките на Европскиот комитет за расизам и нетолеранција при Советот на Европа, каде Македонија е полноправен член и со потпишување и ратификување на конвенции има преземено обврски за борба против овие појави, а и на други релевантни домашни и меѓународни организации, Антидискриминациската комисија во Македонија и воопшто борбата против нетоолеранцијата и дискриминацијата не се баш пофалени. Како и во други области и за други тела кои би требало да ја контролираат власта, извештаите констатираат само делумно или слабо спроведување на антидискриминациското законодавство, слаби капацитети на Комисијата, нејзина партизираност и контролираност од извршната власт, а препораките одат во насока токму на зајакнување на капацитетите и независноста на Комисијата.

И што добивме ние? Токму во периодот на преговори за реформи во земјата и ослободување на демократските институции, кога владејачките структури кои ги узурпирале треба да демонстрираат политичка волја за промени, ние го добиваме Тони Науновски за член на Антидискриминациската комисија. Го добиваме човекот, кој со години експлицитно и јавно изразува нетолерантни ставови кон припадници на најголемата немнозинска заедница во земјава.

Што е најтрагично и најапсурдно, за неговиот избор гласаа и 11 пратеници од владејачката ДУИ, сигурен сум - во целосна спротивност со волјата на оние што ги избрале.  Пратеничката на ДУИ, Ермира Мехмети, на нејзиниот Фејсбук профил објави дека пратениците на оваа партија биле „приморани да гласаат“ за Науновски, за што ги обвини „вечните во партијата“. Тоа уште еднаш ја потврди тезата која години наназад ја застапува критичката јавност, дека пратениците на владејачките партии не се всушност избраници на народот кои во парламентот ја застапуваат неговата волја, туку слепи послушници на партиските врхушки, кои во парламентот не гласаат според своето убедување, водејќи се од интересите на оние што ги избрале, туку по наредба, диктат, телекоманда.

Изборот на Тони Науновски за член на Антидискриминациската комисија е продолжување на мајтапењето на власта со ова тело и со овој закон, кои никогаш и не профункционираа вистински. Тие би можеле да бидат силен инструмент за подобрување на состојбите во земјава во контекст на растечката нетолеранција и дискриминација, кои, токму поради ваквиот однос, станаа силен инструмент на властодршците за дисциплинирање и заплашување на граѓаните.

Но, овој мајтап во време кога се спроведуваат килаво и договорените реформи од Пржино, испраќа уште една порака – дека власта воопшто нема намера да создава демократски амбиент во земјава, и дека отстапките што е приморана да ги прави на еден дел од теренот ќе се труди да ги компензира со вакви решенија и пораки на друг дел од теренот, наменети кон охрабрување на мразачите и насилниците, од кои власта ќе ја црпи силата за последната битка.

Да се надеваме дека овие пораки ќе бидат соодветно и навремено прочитани и од меѓународната заедница, пред да биде доцна, или пред да почне Комесарот Тони да „дели правда“ за дискриминираните, понижените и згазените од страна на неговите политички патрони.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish