Премиерот, експерти, невладини и партии на конференција за борбата против корупцијата

Конференцијата „За општество ослободено од корупцијата“, во организација на ЦИВИЛ и Зелена лупа, се одржува денеска (6 декември), во хотел Парк (зад Градски стадион), со почеток во 13:30 часот и ќе трае 120 минути. На говорницата ќе се појават премиерот Зоран Заев, Розета Трајан од ДКСК, проф. Мирјана Најчевска, Ване Цветанов од Зелена лупа и Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

Во текот на подготовките на конференцијата, организаторите бележат огромен интерес во јавноста, особено ако се има предвид колку е густ календарот на настани во овој период на годината. Во вториот дел од конференцијата, според најавите, според редоследот на пријавување, ќе дискутираат и: Џевдет Хајредини, експерт за финансии и поранешен министер за финансии, Павле Трајанов, претседател на Демократски Сојуз, Владимир Георгиев, државен советник во ДКСК и евалуатор во ГРЕКО, Мариглен Демири од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, Петар Богојевски, активист на ВМРО-ДПМНЕ и основач на Институтот за одржливо управување, Горан Лефков, новинар во центар за истражувачко новинарство Скуп и Илија Николовски, претседател на Партија на пензионери. Своето присуство го најавија и повеќе претставнички и претставници на меѓународната заедница. По излагањата и дискусиите, новинарките и новинарите, како и останатите присутни ќе имаат време за поставување кратки прашања или коментари.

Конференцијата ќе биде ретка прилика на едно место да се видат највисоките претставници на Владата, експертската заедница, институциите и невладините организации и да разменат ставови за најжешката тема во земјава и во светот – корупцијата.

Конференцијата има цел да иницира создавање јавен простор во кој прашањата поврзани со корупцијата ќе се дискутираат во континуитет, со учество на пошироката јавност во интеракција со релевантни претставници на различните владини сектори, граѓански организации, институции и експерти. Поканети се претставници на медиумите, граѓанските организации и институциите, како и претставниците на меѓународната заедница.

Врз основа на излагањата и коментарите, ЦИВИЛ ќе подготви и препораки што ќе ги претстави во јавноста преку својата медиумска платформа и соопштенија до јавноста.

Конференцијата е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“ што го спроведува ЦИВИЛ, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦИВИЛ – Центар за слобода

Print Friendly, PDF & Email