ЦИВИЛ ЌЕ ГО НАБЉУДУВА СПРОВЕДУВАЊЕТО НА РЕФЕРЕНДУМОТ ЗА ГТЦ СО 75 НАБЉУДУВАЧИ

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја поздравува одлуката на општина Центар за распишување референдум на локално ниво за изјаснување на граѓаните за изгледот на ГТЦ. Со оваа одлука, општинскиот совет и градоначалникот посведочија за демократскиот капацитет на оваа општина да им овозможат на граѓанките и граѓаните непосредно да одлучуваат за прашања од локално значење.

Освен референдумот за самостојност во 1991 и за територијалната поделба во 2004 година, во Република Македонија не се спроведени други референдуми. Референдумот е показател за можноста да се учествува директно и непосредно во одлучувањето на локално или национално ниво, па оттаму сметаме дека ова е важна одлука и прва од овој вид во историјата на независна Македонија.

ЦИВИЛ веќе започна со активности за јакнење на јавната свест за правото на граѓанките и граѓаните да одлучуваат по пат на референдум. Воедно, ќе се преземат и низа активности за едукација за избирачкото право на граѓанките и граѓаните кое го вклучува и правото на референдум. Спроведувањето на референдумот за изгледот на ГТЦ ќе го набљудуваат 75 набљудувачи на ЦИВИЛ, за што ќе се побара соодветна акредитација.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани на општина Центар да го искористат своето право на глас и со тоа да придонесат кон успешноста на овој важен демократски процес. Членовите и поддржувачите на ЦИВИЛ ги повикуваме да помогнат во информирањето на граѓанките и граѓаните за нивните права. Канцеларијата на ЦИВИЛ е отворена за сите прашања поврзани со референдумот и избирачкото право. Контакти: 02/5209176, [email protected], www.facebook.com/civil.mk.

Print Friendly, PDF & Email