Подготвува ли „Тинекс“ нови гласачи од Пустец?

Македонците кои живеат во Албанија, особено во Општина Пустец, редовно стануваат топ-тема во Македонија во предизборието. Пред десетина дена, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски обелодени дека полицијата открила незаконски издадени македонски лични карти на жители на Пустец, кои биле користени на изборите во 2013 и 2014 година. Според министерот Спасовски, Македонците од Пустец гласале претежно во Општина Центар, пријавени на адреси во државни станови, со што се докажува дека повеќе државни институции биле инволвирани во овој случај.

Со следењето и анализата на неколкуте последни изборни циклуси, ЦИВИЛ - Центар за слобода констатираше дека власта ги злоупотребува државните ресурси и институции за носење на гласачи од Пустец.

Но, само неколку дена по изјавата на министерот Спасовски дека власта организирано „увезувала“ гласачи од Пустец да гласаат за кандидатот на ВМРО ДПМНЕ во скопската Општина Центар, компанијата „Тинекс“ која е сопственост на семејството на поранешниот градоначалник на таа општина, Владимир Тодоровиќ, на жителите од Пустец им додели пакети со прехранбени продукти, по повод новогодишните и божиќните празници.

slika_prin_skrin_TinexНа официјалната Фејсбук страница на „Тинекс“ пишува: „За да ги разубави новогодишните и божиќните празници на социјално ранливите групи во општина Пустец, Албанија, ‘Тинекс’ реализираше донација од 1.150 хуманитарни пакети со основни прехрамбени продукти: брашно, масло, шеќер, грав, ориз и кондиторски производи. Вкупната вредност на оваа донација е 616.000 ден. Донацијата е доделена со цел да се подобрат животните услови на социјално ранливото население на општина Пустец, каде претежно живее македонско население. Покрај пакетите со прехранбени продукти, на најмалите дечиња ‘Тинекс’ им додели 70 новогодишни пакетчиња. Донацијата ја прими градоначалникот на општина Пустец, г-дин Едмонд Темелко“.

На социјалните мрежи граѓаните се поделени околу акцијата на „Тинекс“: некои коментираат дека тоа е добар потег да се израдуваат и да им се помогне на сиромашните за да имаат скромна трпеза за празниците, додека, други сметаат дека потегот на „Тинекс“ е со цел да ги поткупи жителите на Пустец и да ги подготви за престојните парламентарни избори во април.

А дека жителите од Пустец на изборите во 2014 гласаа во Македонија, потврдуваат и репортажите на скопските телевизии Алсат-М и на ТВ 21, чии екипи ја посетија општината Пустец. Според нивните прилози, жителите од Пустец изјавуваат дека  гласале во Република Македонија за актуелната власт.

Примерот на „Тинекс“ како да ја докажува и народната поговорка дека „рака која дава не се суши“. Имено, деновиве, Владата одлучи во наредните 20 години, компанијата „Тинекс“ да стопанисува со комплексот „Македонско село“ во скопско Нерези. На тендерот се пријавиле хотелот „Квинс“ и компанијата „Тинекс“, сопственост на семејството на некогашниот градоначалник на општина Центар, Владимир Тодоровиќ. За етно-селото ќе плаќаат месечна концесија од 3.500 евра со ДДВ, или компанијата „Тинекс“ за 20 години ќе треба да и плати на државата околу 840.000 евра, плус ДДВ.

Инаку, комплексот е целосно изграден со буџетски пари од 6,5 милиони евра.

Дехран Муратов

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish