Партиите преговараат, Чавков вработува 600 нови полицајци!?

Додека најголем проблем околу кој политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, се уште не можат да се договорат се ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната Влада, МВР објави оглас за вработување на 600 нови полицајци! Како што се наведува во соопштението на МВР, причина за распишувањето на огласот се предизвиците со кои се соочува земјата: „Како резултат на овие предизвици со кои се соочува не само нашата земја и земјите во регионот, но и целиот свет, се јави потреба од нови полициски службеници кои ќе го пополнат и подмладат постоечкиот кадар во Министерството“...

На оваа бројка од  600 нови полициски службеници и претходеа 400 решенија кои министерот Митко Чавков ги потпиша веднаш по повторното доаѓање на позицијата министер, пред помалку од два месеца.

Во меѓувреме, преговорите меѓу претставниците на четирите политички партии продолжуваат и денеска. Амбасадорите на Европската унија, Аиво Орав, и американскиот амбасадор Џес Бејли, се присутни на средбата, а се очекува да се утврдат ингеренциите на министерот за внатрешни работи во преодната Влада.

aivo-i-orav4-470x246

Тоа што беше договорено на последната средба, е формирање на ад-хок тело кое 100 дена пред избори ќе ја контролира работата на медиумите, активната регистрација на 40.000 спорни гласачи и нов главен и одговорен уредник на МТВ. Одлуките за кои се договорија партиите наидоа на критики од експертската јавност.

Според Џабир Дерала, претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, активната регистрација на спорните гласачи, е добар, но недоволен потег за да се врати довербата во Избирачкиот список. „Од особена важност е како ќе се имплементира прочистувањето на списокот на гласачи, и како ќе се врши регистрацијата, особено затоа што може да дојде до притисоци и дел од гласачите да бидат спречени да се регистрираат. Воедно, овој начин ни од далеку не ја гарантира кредибилноста на Избирачкиот список, бидејќи се работи за далеку помала бројка на спорни гласачи, од првичната“, смета Дерала.

Што се однесува до ад-хок телото, кое треба да ја контролира работата на медиумите, како што за ЦИВИЛ Медиа изјави, Жанета Трајкоска од МИМ, „тоа е тотално погрешно решение и само го покажува немањето на знаење и начин, преговарачите да се справат во рамки на преговорите – со тоа што очигледно, ВМРО–ДПМНЕ,  не го дава, а тоа е Агенцијата за медиуми. На овој начин, се укажува дека Агенцијата е непотребна и некорисна, и наместо да направиме законски решенија со кои таа ќе се професионализира, ќе се сменат членовите и ќе ѝ се даде можност да биде професионално тело, таа дополнително се осакатува и се прави институција во институција“, вели Трајкоска. “

Дали и одлуката која се очекува денеска да ја донесат политичките партии, во врска со министерот за внатрешни работи, повторно ќе предизвика критики од стручната ипошироката јавност?

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email