Привршува рокот за февруарскиот циклус на конкурсот „Биди граѓански новинар“!

Деновиве, пристигнуваат апликациите од граѓански новинари за февруарскиот циклус на натпреварот „Биди граѓански новинар“, а рокот за пријавување на трудовите завршува на на 6-ти март (недела)!

ЦИВИЛ – Центар за слобода продолжува со наградување на граѓанските новинари. На петмина граѓански новинари веќе им доделивме награди за јануарскиот циклус, на церемонијата за доделување на награди во хотелот „Сити Парк“, каде се обратија претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, како и наградените граѓански новинар(к)и.

Биди граѓански новинар

Натпреварот опфаќа најуспешни видео-снимки и фотографии, за сите видови кршења на човекови права, злоупотреби и притисоци во изборен контекст.

Видео, аудио и фото записи, како и текстови за закани, уцени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, кршење на гласачкото право, злоупотреба на јавните ресурси и администрација, се теми кои сегашните и идните граѓански новинари можат да ги споделат со јавноста, преку проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, а притоа ќе добијат можност и да бидат наградени. За пристап до ФОРМУЛАР ЗА УЧЕСТВО кликнете ТУКА.

Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во нашиот и вашиот проект. Ве охрабруваме да земете активно учество како граѓани и граѓанки кои преку истражување, медумски активности и активизам ќе дадат свој придонес за развојот на граѓанското новинарство.

Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со детален опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите, како и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни зависно од договорот со авторите и од законската регулатива за овој вид продукција и издаваштво.

Секој месец, петте најуспешни трудови ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото,видео, компјутерска и телефонска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е 110 долари.

Цел на проектот „Граѓански објектив“ е да се зајакне јавната свест за политичките процеси во контекст на престојните избори, да се алармира домашната и меѓународната јавност за измамничките практики во изборните процеси и да се идентификуваат случаите на кршење на гласачкото право.

Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian