Орданоски: Власта ќе оди до крај

По „сомотскиот државен удар“ на Груевски, Република Македонија ја очекува продлабочување на политичката криза и уште понеизвесна судбина. Во изјавата за ЦИВИЛ на 12 јануари, аналитичарот Сашо Орданоски оцени дека „битни се условите, а не датумот за избори“, тврдејќи дека ни оддалеку не се создадени услови за одржување на слободни избори на 24 април 2016 година. До тој заклучок дојде и ЦИВИЛ во својата анализа од 10 јануари, како и околу 70 организации на граѓанското општество кои упатија писмо до меѓународната заедница во кое бараа одложување на терминот за избори.

Сашо Орданоски денеска за ЦИВИЛ изјави:

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=xlyACVMZ7xY[/youtube]

Настаните во Македонија продолжуваат да се одвиваат во насока на борбата помеѓу политичката и правната држава. Тоа е единствената добитна комбинација за власта, за во таа комбинација да победи политичката држава, наспроти правната држава. Ова што се случи со инсистирањето да се оди на неподготвени избори, на сите им е јасно, и дома и во странство, дека тие избори не можат да бидат фер и демкоратски, е дел од нешто што е притисок за добивање на темпо, на време, за скратување на можноста на правната држава да излезе со своите втемелени наоди. Кога велам правната држава, мислам на Специјалната јавна обвинителка. И, во таа логика, секој загубен ден за правната држава е ден добиен за политичката држава.

Затоа, сега, доколку некој се труди да разбере што се случува понатаму, треба помалку да се занимаваме со сите фолклорни елементи на политиката и како тоа сега ќе се изведува во рамките на овој проект што Груевски очигледно го има развиено, а повеќе треба да се сконцентрираме на тоа што се случува со СЈО и со странските реакции, а не само домашните, околу тоа што ќе се случува со СЈО. Самата јавна обвинителка постави еден рок, средината на март, кога ќе излезе со, веројатно, голем дел од обвинувањата кои веќе се подготвуваат, но  очигледно е дека политичката држава на Груевски се обидува на секој начин до тој рок или да го анулира, или да го успори, или на извесен начин да го редефинира.

Мислам дека во таа смисла тие ќе одат до крај. Крајот би бил, картата што сé уште ја чуваат во ракавот, тоа е уставното негирање на можноста за законско постоење на Специјалното јавно обвинителство. Тоа тие би го направиле најверојатно во крајна варијанта. Во меѓувреме, со сите можни опструкции, преку пари, преку луѓе, преку простори, преку временски кратења, преку судски опструкции, за на секој начин да ја успорат Катица Јанева во нејзината, законски, доверена задача да излезе со втемелени обвинувања. И тие ќе бидат десетици, во кои што ќе бидат несомнено, вмешан, со многу сериозни кривични околности, најголем дел од екипата која што сега е на власт во Македонија.

И, тоа е таа трка. Ако успее правната држава да се избори за некаква интервенција, суштинска, во тоа што се случува во Македонија, тоа ќе биде уште еден камен врз кој што ќе треба да се застане за да се продолжи демократијата во Македонија. Доколку пак, Груевски успее да ја замолчи, да ја потисне улогата на правната држава, тогаш тој со својата пропагандна машинерија, несомнено дека ќе превладее во понатамошните случувања во Македонија.

Изборот е прост: следете што се случува околу Катица Јанева.

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish