Штипјани го бранат паркот од градоначалникот

Штипската локална власт не отстапува од идејата да го урбанизира единствениот парк од рамен тип во градот, но и штипјани не се откажуваат од намерата да ја спасат последната зелена оаза во градот. На 27-ми јули минатата година, бил објавен оглас за продажба на парцела од паркот во населбата „8-ми Ноември“, а веќе на 3-ти август 2015, таа била ставена на продажба. Како одговор на овој обид да се уништи паркот, што претставува важно место во градот поради постојаната циркулација на граѓани и деца, се покрена иницијативата за спас на паркот: “Стоп! Забрана за изградба на објекти во паркот во населбата 8-ми Ноември“

Потребните потписи за петицијата: “За уништување на одлуката за продажба на парцели во паркот во населбата 8-ми Ноември”, биле успешно собрани во рекордно време, за само пет дена. Како што информираат организаторите на иницијативата, и по три месеци откако петицијата била доставена до Општина Штип, таа не е ставена на дневен ред на седница на Советот.

10356170_763280383805913_9024753883635863722_nПетицијата, повеќето јавни настани, трибини и протестот против урбанизацијата на паркот кои беа организирани во изминатиот период од граѓанската иницијатива, очигледно не беа доволни градоначалникот да отстапи од идејата да ја избрише и последната голема зелена површина во градот Штип. На 12-ти ноември, организирано било електронско јавно наддавање, на кое парцелата од 878 квадратни метри е продадена за 44.200 евра, односно, постигната е цена од 3.100 денари за еден квадратен метар.

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Горан Трајков од граѓанската иницијатива „Стоп! Забрана за изградба на објекти во паркот во населбата 8-ми Ноември“, според кого, продажбата не ги спречува да продолжат преку институциите да ја оспоруваат законитоста на целата постапка. Како што информираат покренувачите на иницијативата, сомнежите за нелегалниот процес, зад што најверојатно стојат лични, бизнис-интереси, се зголемиле отткако парцелите од паркот „8-ми Ноември“ се продадени за многу ниска цена, споредено со останатите парцели, кои беа дел од електронското јавно наддавање. Имено, парцела надвор од градот, во населба „Балканска“, достигнала цена од 6.500 денари по квадратен метар!

UntitledДо Државниот инспекторат за локална самоуправа, на 14-ти декември е доставено  известување за незаконитоста во Програмата за дополнување на програмата за располагање со градежно земјиште. Истиот ден, и до Министерството за транспорт и врски, е доставено Известување за незаконитост во Објавата за отуѓување на градежно земјиште. Но, според Трајков, одговор и од двете надлежни институции, сé уште нема.

Затоа, штипјани не застануваат тука. Градоначалникот на Штип Илчо Захариев, од адвокатот Жарко Стеваноски кој ги застапува граѓанските активисти, доби две кривични пријави. Захариев се обвинува за злоупотреба на службената положба и овластување. Првата кривична пријава била доставена на 31-ви декември, а втората на 13-ти јануари годинава.

Во граѓанската иницијатива се надеваат дека надлежните институции конечно ќе бидат ефикасни и брзо ќе ги разгледаат кривичните пријави и соодветно ќе реагираат. Во секој случај, кој и да биде нивниот одговор, незадоволните штипјани планираат да продложат да дејствуваат во одбрана на паркот.

Марија Теговска

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian