Охриѓани се залагаат за исчекор напред!

Во неделата напладне, охриѓани имаа можност да се информираат за активностите поврзани со проектот Напред!, како и за јавниот повик на ЦИВИЛ – Центар за слобода за набљудувачи на изборите, како и да разменат мислења и ставови за проблемите со кои се соочува Охрид.

Тимовите на ЦИВИЛ во Охрид им беа на располагање на граѓан(к)ите на плоштадот кај Чинарот, како и за изјави за медиумите и за разговори за размена на информации со претставниците на граѓанското општество и со политичките партии кои претходно се информирани и поканети.

Исто така, заинтересираните граѓанки и граѓани, имаа можност да учествуваат во фото-петицијата „За слободни избори“.

ЦИВИЛ спроведува целосен, сеопфатен, непристрасен и објективен мониторинг на подготовката и на текот на целиот изборниот процес и на почитувањето на гласачкото право. Во тек се активности за селекција, ангажирање и едукација на долгорочни, краткорочни и граѓански набљудувачи на изборниот процес во Република Македонија.

Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.

Проектот се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри на ЦИВИЛ.

Проектот „Напред!“, кој започна во јануари и ќе трае седум месеци, се финансира со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.

Како и досега, заедно со граѓанките и граѓаните, ЦИВИЛ придонесува и ќе придонесува за создавање услови за слободни избори.

Учествувајте во нашите активности за јакнење на јавната свест за правата на гласачите!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian