Њујорк: Повторно поддршка за протестите низ Македонија

Македонците кои живеат во Њујорк по вторпат ја изразија својата поддршка за протестите кои веќе две недели се организираат во Скопје и во другите градови во Македонија.

12998651_219793801731372_6348659005016571639_n“На овој начин го изразивме нашето демократско право и нашата силна поддршка и солидарност со масовните граѓански протести и ‘Шарената револуција’ за слобода, правда и еднаквост во Македонија. Денес протестиравме против недемократскиот и корумпиран режим во Македонија и против нелегитмната одлука на претседателот за аболиција”, стои во соопштението на демонстрантите во Њујорк.

Поддршка од Њујорк пристигна за сите барања на граѓанското движење #Протестирам.

Во пораката се вели: “Истовремено испраќаме порака до политичкиот естаблишмент дека нивното време помина, време е за едуцирани професионалци кои ќе работат за јавен интерес и за иднината на Македонија. Загрижени сме за долгогодишната политичката криза во Македонија и од диктаторскиот режим на владеење и затоа ја даваме нашата целосна поддршка на работата на Специјалното Јавно обвинителство, како и на граѓанскиот отпор и на сите барања на граѓанското движење #Протестирам”.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=uolyct7qve4[/youtube]

„Се обоивме шарено за да ја поддржиме ‘Шарената револуција’ која е спас и темел за една нова, здрава, правична, шарена, мултиетничка, и просперитетна Македонија. Доста ни е од сивилото на власта, време е за бои и демократски промени, слободна, демократска и европска Република Македонија!”, порачаа Македонците од Њујорк.

Протести за поддршка на барањата на граѓанското движење #Протестирам и на сите слободни граѓанки и граѓани во Македонија, во изминатиот период пристигнаа и од Вашингтон, Виена, Лондон, Берлин, Франкфурт, Амстердам и Мелбурн.

Print Friendly, PDF & Email