Општина Охрид: Хотелот во Лагадин не е закана за екосистемот на Охридското Езеро

Општина Охрид тврди дека изградбата на хотелот во заштитната крајбрежна зона во селото Лагадин е согласно законската регулатива и дека не претставува никаква закана за екосистемот на Охридското Езеро. Од кабинетот на градоначалникот Никола Бакрачески ги демантираат сите наводи на граѓанските активисти од граѓанската иницијатива „Охрид SOS“.

Локалните власти истакнуваат дека Секторот за урбанизам има издадено соодветно одобрение за градба, врз основа на релевантна документација, согласно позитивната законска регулатива.

„Според Законот за води може да се градат или реконструираат објекти во крајбрежен појас од 50 метри, по претходно добиена водостопанска согласност, што во конкретниот случај е обезбедено. Согласно Законот за градење, постапката за издавање Одобрение за градење не предвидува добивање мислење од Националната канцеларија на УНЕСКО, a при изработката на општиот акт за село Лагадин, беше испратено известување до Националната комисија за УНЕСКО во Република Македонија, во декември 2015 година“, се вели во соопштението од кабинетот на градоначалникот Бакрачески испратено до ЦИВИЛ - Центар за слобода,

Наспроти обвинувањата на „Охрид SOS“ дека хотелот, по изградбата, дополнително ќе ги загадува езерските води, во средина каде што колекторскиот систем е дисфункционален, па фекалиите се излеваат во езерото, од Општина Охрид, тврдат:

„Општина Охрид е во постојана координација со стручните служби на МЈП Проаква – РЕ Водовод Охрид. Врз основа на добиените информации, oд МЈП Проаква –РЕ Водовод Охрид, колекторскиот систем во Лагадин е функционален во целост и нема излевање на фекалиите во водите на езерото. Мораме да потенцираме дека од добивањето на мандатот на градоначалникот Бакрачески, приоритет број еден е рехабилитацијата и надградбата на колекторскиот систем околу езерото“, објаснуваат од кабинетот на Бакрачески.

Оттаму потврдуваат дека градоначалникот самоиницијативно бил во посета на УНЕСКО во Париз, минатиот месец. Но, не за изнаоѓање решение за „дисфункционалниот колекторски систем“ во Лагадин, како што тврдат охридските еколози, туку за рехабилитација и надградба на колекторскиот систем околу целото езеро.

„Општина Охрид ги превзема сите неопходни мерки на највисоко ниво во соработка со службите на УНЕСКО, за обезбедување финансиска конструкција со која би можело да се рехабилитира и надградува колекторскиот систем околу езерото. Истовремено, изработена е студија за оценка на влијанието на животната средина. Се врши чистење на крајбрежјето од физички отпад и окрек, редовно се чистат реките, каналите кои континуирано се сливаат кон Охридското Езеро. Општината, во соработка со ЈП Нискоградба, гради канализациона и фекална мрежи како мерка за заштита на Охридското Езеро“, информираат надлежните.

Граѓанските активисти од „Охрид SOS“, бараат Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и Инспекцискиот совет на Република Македонија, итно да извршат надзор и да ја стопираат изградбата на хотелот во Лагадин, во заштитниот појас на Охридското Езеро. Тие се убедени дека со тоа дополнително ќе се загадат и така контаминираните езерски води со фекалии. Еколозите повикуваат на интервенција на надлежните, согласно со Конвенцијата за заштита на светското културно и природно наследство.

Моника Талеска

 

Print Friendly, PDF & Email