Новакоски: ДИК им ја препушти својата работа на лидерите на партиите!

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија и член на експертскиот тим на ЦИВИЛ-Центар за слобода, Александар Новаковски, во првиот дел од разговорот за ЦИВИЛ Медиа, зборува за фантомите и за спорните гласачи, за збунувачките информации и пропустите на ДИК, како и за недовербата на граѓаните... Тој тврди дека „нема потешка повреда од таа - на човек да му се одземе правото на глас со административни пропусти од државните органи“ и го поставува прашањето - зошто партиите не ја прифатија предложената активна регистрација?

ЦИВИЛ Медиа: Активната регистрација на гласачите не е предвидена во изборниот закон, но сепак, таа се наметна како еден, единствен услов за 39.502 спорни гласачи од Избирачкиот список. Притоа, не се обезбедија услови тој процес да биде транспарентен и да се спроведе со минимум почит на правото на глас кое им припаѓа на сите граѓанки и граѓани подеднакво...

НОВАКОСКИ: Државната изборна комисија во изминатиот период, откако е овој состав, но и претходно, не знам од кои причини, ја нема главната одлика - транспарентноста. Накратко ќе кажам. Имам впечаток дека ДИК им ја препушти работата, и тоа воопшто не го крие, на лидерите на политичките партии. Тие лидери имаат свои тимови кои работат и сугерираат кое решение, и ова е резултат на таквото решение на ДИК. На последното појавување во јавноста, со кратките коментари на членовите, ДИК порача; „Да, ние ја завршивме професионално и стручно работата, го послушавме гласот на лидерите на политичките партии“. Така гласеше нивната забелешка.

Се пропушти многу. Затоа што, во овие услови, со измените за Изборниот закон, постоеа непречени можности - сите институции заедно, координирани од ДИК, да излезат со точен податок за состојбата со Избирачкиот список. Ако целата работа се сведе на 30.000 спорни гласачи, ќе се покаже со тек на време дека тие и не се спорни, и со тоа, уште повеќе ќе се наруши довербата во Избирачкиот список. А, тие проблеми можеа да се отстранат. Како? Ни беа доставени голем број капацитети на вработени, голем број на извршители, не гледам причина, и тука ми останува дилемата. И јас, покрај сите напори да ме замолчат, нема да кажам кој, дали се опозиционери или позиционери, јас ќе си го кажам тоа што го мислам. А тоа е - дека имаа можност да излезат со точен податок, не само ДИК, туку и партиите. Зошто го донесоа ова решение не ми е јасно.

dsv

ЦИВИЛ Медиа: ЦИВИЛ тврди дека јавноста треба да ја знае вистината за ревизијата на Избирачкиот список, и дека ДИК мора да излезе со сериозен извештај пред граѓанките и граѓаните на Република Македонија, и покрај усвојувањето на извештајот за спорните гласачи. Што според вас, се случува со Избирачкиот список и како би го прокоментирале последниот извештај?

НОВАКОСКИ: Повторно ќе кажам дека со согласност за измените кои ги направија на Изборниот законик, и согласно ингеренциите кои ги доби ДИК и согласно сите преземени активности од експертите кои беа дојдени во ДИК, се дојде до констатирање на бројка од 39.000 спорни гласачи. Тоа воопшто не е мала бројка, но таа бројка покажува дека секој не може  точно да каже дека е вистински спорна. Тоа ќе се утврди на денот на изборите. Но, тогаш ќе е доцна. Од тие причини, сметав дека постоеше можност, постоеше и време, овие 39.000 лица теренски да се проверат. Ако се спорни гласачи, да се бришат од списокот. Вака, се повикуваме на активна регистрација која никој не ја прифаќаше, но се работи за активна регистрација само на тие 39.000 лица. И сега, некој ќе се повика дека кампањата била доцна почната...  Јас само знам за лица кои се препознатливи, кои не сакаат да се пријават, а се водат како фантоми.

ЦИВИЛ Медиа: Дали сметате дека, според она што го изјави господинот Јакупи, останатите 30.000 спорни гласачи кои не се пријавиле, тоа ќе можат да го направат пред изборите во декември? Дали сметате дека и тогаш ќе бидат вакви резултатите, ако се продолжи со активната регистрација?

НОВАКОСКИ: Мислам дека Јакупи е многу искусен член во ДИК, и како што сфатив, го дели моето мислење. ДИК, без разлика на законот, лесно едногласно констатираше дека ние бришеме 30. 000 гласачи. Сега, друго е дека тој список ќе биде на увид, но ќе биде без овие гласачи, тие ќе бидат избришани од списокот. Согласно законскиот увид во Избирачкиот список, бројката воопшто нема да се измени, многу мал број на лица дополнително ќе интервенираат, оти многу голем број на лица се револтирани и сметаат дека тоа е задача на државата да ги ажурира, а не тие да одат и да се пријавуваат. Доаѓаме до една многу интересна дилема, зошто партиите не ја прифатија активната регистрација, која ја предлагавме. И јас ја предложив, тоа беше пред точно година ипол, сите овие дилеми ќе беа завршени, а вака... Господинот Јакупи се согласи со мојот став, го делиме, иако не сме се консултирале, дека ДИК е должна да ги провери сите овие спорни гласачи, кои ги избриша од Избирачкиот список. Тие добија законска можност да ги избришат и со тоа ја завршија работата. Истото го направија и со биометриските пасоши, па пак, на следните избори им се вратија. Според мене, нема потешка повреда од таа - на човек да му се одземе правото на глас со административни пропусти од државните органи. Ако не се проверат уште еднаш или два пати овие 30.000 гласачи, и да се изборите во декември, има повеќе од доволно време, и да излезе со бројка. Многу беше збунувачка информацијата дека меѓу нив има и починати, за јавноста која не ги разбира овие работи. А граѓан(к)ите не се должни да ги разбираат овие работи за Избирачкиот список, што значи, повторно ќе се шпекулира, бидејќи што останува ако се само толку починати, од кои причини се овие фантоми. Се испраќа порака дека и тие не знаат дали овие лица се спорни гласачи.

 

Биљана Јордановска

Камера: Атанас Петровски


Forward

Оваа анализа е дел од проектот „Напред!“ чија основна цел е да овозможи долгорочен мониторинг, анализи и препораки кои се однесуваат на општествено-политичките настани и процеси во изборен контекст. Проектот е финансиран со германски средства на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.

 

Print Friendly, PDF & Email