„Немам ни за леб“ - видео сведоштва за социјалните неправди

„Немам ни за леб“ се видео сведоштва за социјалните неправди во Република Македонија во продукција на ЦИВИЛ Медиа, чија проекција, по повод Светскиот ден на социјалната правда ќе се одржи во хотел Сити Парк, денеска, со почеток во 12 часот. Фондација Фридрих Еберт (ФЕС) и ЦИВИЛ - Центар за слобода заедно работат на темите од областа на социјалната правда од почетокот на 2015 година.  

Злоупотребени, експлоатирани, понижени, огорчени, исплашени, сиромашни... Во текот на изминатата година, екипата на ЦИВИЛ Медиа ја крстосуваше земјата со истражување на состојбата на работничките права и социјалната правда, воопшто. Општ заклучок е дека институциите на државата и локалните институции, едноставно, не функционираат во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународните стандарди кои се ратификувани и треба да имаат сила на национални закони во земјата.

„Социјалната положба и работничките права во Република Македонија се на неприфатливо ниско ниво. Секојдневно, македонските граѓанки и граѓани се соочуваат со еден единствен предизвик – да преживеат. Дел од работодавачите во земјава на работниците им исплаќаат мизерни надоместоци за тешкиот труд, а притоа не обезбедуваат ни минимални услови за работа и ги третираат под нивото на човечкото достоинството. Оваа состојба ја установивме во текот на истражувањето низ цела Македонија. Особено тешки злоупотреби со работниците и со социјално загрозените граѓанки и граѓани се прават во изборен контекст.“ – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ.

фото: Џабир Дерала

фото: Џабир Дерала

„Имајќи ја предвид тешката состојба на медиумските слободи во земјата, Редакцијата ЦИВИЛ Меадиа ја искористи методолошката алатка Street Media, која подразбира продукција и видео проекции на информативни содржини на плоштадите низ Македонија преку кои јавноста може непосредно да се запознае со социјалните состојби во своите средини. На овие настани, присутните можат да учествуваат со прашања и коментари, на кои им одговараат претставници на граѓанското општество и експерти кои ги покануваме да говорат јавно, а за кои, очигледно, нема простор во националните медиуми.“ - изјави Синиша Станковиќ, главен уредник на ЦИВИЛ Медиа.

Со овие сознанија и со краток документарен филм под наслов „Немам ни за леб“ во кој се објавуваат сведоштва за социјалните неправди од триесетина граѓанки и граѓани од повеќе градови во земјата, ФЕС и ЦИВИЛ ќе го одбележат овој ден и ќе се обидат на јавноста и на институциите да им го свртат вниманието кон очајната состојба во која се наоѓа огромен дел од населението на Република Македонија. Дл од филмот се и сценските настапи на Марија Грубор, Џабир Дерала и Петрит Сарачини.

Тимот на ЦИВИЛ Медиа кои го направија овој филм е составен од: Биљана Јордановска, Арбана Ќерими, Џабир Дерала и Синиша Станковиќ (уредник), додека за монтажата се погрижија Никола Угриновски и Владимир Перчуклиевски.

На денешна проекција и дискусија се поканети медиумите, граѓанските организации и заинтересираните граѓанки и граѓани. По настанот, филмот ќе биде објавен на новиот YouTube канал на ЦИВИЛ. На одбележувањето ќе говорат дел од автор(к)ите на проектот и Милан Живковиќ од ФЕС.

Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 20 февруари како Светскиот ден на социјална правда во 2007 година. ОН ги повикува земјите-членки да го посветат овој ден на промовирање на националните активности кои треба да се во согласност со целите на Светскиот самит за социјален развој, одржан во Копенхаген во 1995 година, како и други документи усвоени од Генералното собрание на ОН.

Одбележувањето на Светскиот ден на социјална правда треба да ги поддржи напорите на меѓународната заедница за искоренување на сиромаштијата, промовирање на целосно вработување и пристојна работа, родовата еднаквост и пристап до социјална благосостојба и правда за сите.

Print Friendly, PDF & Email