Нецензурирани вести во Кампот на Слободата

ЦИВИЛ Медиа во изминатиов период работеше на теми од областа на социјалната правда во повеќе градови низ Македонија. Со цел да се разоткрие тешката социјална состојба во Македонија, а посебно на локално ниво, тимот на ЦИВИЛ Медиа продуцираше видео прилози со сведоштва на граѓанките и граѓаните за кршењето на човековите права на работниците и работничките, како и изјави на експерти и граѓански активисти.

Овие видео прилози беа прикажани на плоштадите низ Македонија, каде граѓан(к)ите можеа во живо да се соочат со социјалните проблеми во нивната средина, кршењето на работничките права, иселувањето на младите, дискриминација од страна на институциите, тешкиот живот на стечајците и социјално загрозените, маките на хонорарците и низа други загрозени социјални состојби.

ЦИВИЛ – Центар за слобода работеше на јакнење на јавната свест, заштита на работничките права, соочување со проблемот на синдикалното организирање и  можноста за неговото имплементирање  од страна на работниците, институциите и работодавачите.

Непосредното и јавно информирање на граѓанките и граѓаните за реалната социјална состојба во нивните средини, редакцијата на ЦИВИЛ Медиа го спроведе користејќи ја методолошката алатка STREET MEDIA. Пристапот до објективни и непристрасни информации во Македонија одамна е оневозможен поради контролата на власта. Затоа, преку STREET MEDIA, им се овозможи на граѓан(к)ите гледање на вести во живо и соочување со вистинските социјални проблеми на локално ниво. Преку отворениот микрофон имаа можност за прашања и коментари за социјалните проблеми со кои секојдневно се соочуваат.

Видео стории од Штип, Битола, Прилеп, Велес и други градови од Македонија, изјави на експерти и граѓански активисти ќе бидат претставени вечерва со почеток во 20:30 часот во Кампот на Слободата.

Ги  покануваме сите граѓанки и граѓани, поддржувачи и соработници на ЦИВИЛ – Центар за слобода да гледаат „вести во живо“, заедно со камперите, кои веќе шеесетти ден неуморно протеститраат пред Владата.

 

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian