Македонија е подготвена за Граѓанската повелба

Како организација за човекови права, ЦИВИЛ е секогаш во контакт со граѓанките и граѓаните, на терен, и беше многу видлив, ефективен и успешен во промовирањето на Граѓанската повелба.

Во брзо и уникатно составена и спроведена кампања, тимовите на ЦИВИЛ беа во директна комуникација со илјадници граѓанки и граѓани, а многу повеќе преку медиумската платформа на ЦИВИЛ, која е богата со содржини и е многу влијателна во општеството. Работилниците и состаноците, како и конференцијата на крајот од кампањата, вклучија носители на одлуки на локално и национално ниво, вклучувајќи ги и политичарите, владините претставници, институциите, граѓанското општество и медиумите. Активно граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво се покажа како императив за градење на здраво демократско општество.

Нашата анализа покажа дека локалните власти веќе долго време се под притисок на централната власт. Иако претходниот режим падна и формирана е демократска влада, процесот на демократска трансформација е многу бавен, а донесувањето на одлуки на локално ниво сѐ уште се соочува со големи предизвици. Стравот од институциите и од активно граѓанство е длабоко вкоренет.

Сепак, ЦИВИЛ покажа видлив успех во поттикнувањето на активно граѓанство и јакнење на јавната свест за Граѓанската повелба.

Граѓаните што ја дадоа својата поддршка на Граѓанската повелба, на плоштадите низ цела Македонија, покажаа дека постои силна волја за соработка и учество на прашања од областа на Граѓанската повелба. Како што ни кажаа многу, граѓанките и граѓаните најдобро знаат што се потребите и приоритетите на нивните заедници. Тие се согласија со заложбите на Граѓанската повелба.

Работилниците и конференцијата покажаа дека постои подготвеност за меѓусекторска соработка и партнерство меѓу граѓанското општество, локалната и централната власт, бизнис заедница и политичките партии во полето на учество на граѓанките и граѓаните во процесот на донесување одлуки.

ЦИВИЛ преку взаемна интеракција им укажа на учесниците на овие сектори на општеството дека, ако постои желба, од една страна, и политичка волја, од друга страна, таа заедничка соработка ќе поттикне ефективно учество, но исто така ќе придонесе за промени кои им се потребни на граѓанките и граѓаните на локално и национално ниво.

Print Friendly, PDF & Email