Левичарско движење Солидарност со добредојде за бегалците

По повод Европскиот ден за акција во солидарност со бегалците, утре (12 септември) од 12 часот на Плоштад Македонија, Левичаркото движење Солидарност организира мировен собир под наслов Македонија вели: Добредојдовте!

Тие ги повикуваат сите прогресивни граѓани да се придружат против соучество на нашите влади во свет во кој границите стануваат ѕидови, во кој расте милитаризмот и нееднаквоста, во кој разликите меѓу етникуми, националности, бегалци и мигранти како категории нè расчовечуваат, во кои бегството од насилство, експлоатација и војна претставува криминал, против свет во кој ни продаваат лажен сон дека обезбедени граници значи обезбеден живот.

Меѓународниот настан е продолжение на многуте настани во голем број европски градови каде активисти, навивачи и спортски тимови им посакуваат добредојде на бегалците во нивните градови и земји. Оваа паневропска акција е израз на револт против подемот на екстремната десница и на десничарските популистички влади кои ги кршат меѓународните конвенции и човековите права. Овие јавни акции претставуваат осуда на начинот на кој се третираат бегалците кои бегаат од различни форми на терор и насилство, окупација и експлоатација. Настанот се организира и во повеќе други градови, како Лондон, Њујорк, Берлин, Амстердам, Истанбул, Атина, Будимпешта, Брисел, Женева, Сараево, Барселона и многу други градови.

ЦИВИЛ – Центар за слобода реагираше на начинот на кој се третираат бегалците од првиот ден. Дури и на меѓународниот Ден против тортурата бегалците беа под закана на пендрек. ЦИВИЛ, доследен на своите определби, принципи и континуирана заложба за човекови права, правда и солидарност, го подржува утрешниот настан во организација на Левичарското движење Солидарност и ги повикува сите членови и поддржувачи да се приклучат на ова добредојде за бегалците кои ги напуштиле своите домови под присила, војна и терор.

 

 

 

Print Friendly, PDF & Email