Легалното оружје не е под сериозна контрола!

Во исчекување на најновите статистики од Министерството за внатрешни работи, во текот на Глобалната недела за акција против оруженотo насилство, ЦИВИЛ ги објавува податоците со кои располага за состојбата со оружјето во Македонија до 2015 година.

Една од најстарите иницијативи на ИАНСА, Глобалната недела на акција против оруженото насилство, оваа година се одбележува од 5 до 12 јуни. Секоја година, активистите на граѓанските организации, неформални граѓански групи и поединци од целиот свет се приклучуваат на оваа глобална акција, манифестирајќи ја силата на глобалното движење против оруженото насилство. Како долгогодишна членка на ова глобално движење, ЦИВИЛ - Центар за слобода ја одбележува Глобалната недела на акција, уште од 2002 година.

За десет години, МВР издало 24.529 дозволи за поседување оружје на физички лица.  Толкав арсенал за една деценија добил назнака - „се поседува со дозвола“, и се наоѓа во домовите на граѓаните низ Македонија.

Најмногу дозволи за поседување оружје се издадени во 2004 година кога 7.147 македонски граѓани добиле документ од МВР дека оружјето го поседуваат легално.

Во текот на годините бројките варираат. Во 2005 година драстично се намалува бројот на регистрираните парчиња оружје и се издадени 1.698 дозволи. Најмалку дозволи за поседување оружје се издадени во 2008 година, кога во архивата на МВР се регистрирани само 140 парчиња. Оттогаш, бројката постојано се зголемува. Во 2014 година се издадени 2.469 дозволи, а во 2015 вкупно 1.415.

Легалното оружје не е под сериозна контрола! Постапката за добивање дозвола не е комплицирана, а може да се каже и дека е недозволиво лесна. Воедно, се забележува и извесна селективност во постапките која не е во потполност соодветна на стандардите, туку е повеќе заснована на своевидно дискреционо право да се даде или не дозвола за оружје на некое лице. Притоа, самите дозволи не се почитуваат, односно, ако е дозвола за поседување, таа се користи и како дозвола за носење.

Резултатите од истражувањето на ЦИВИЛ од 2011 година упатуваат дека првите контакти со оружје, голем дел од младите ги имаат пред да станат полнолетни!

Дури 38 отсто од испитаниците на возраст од 16 до 22 години, потврдија дека најмалку еднаш биле во физички допир со огнено оружје. Понатаму, од истражувањето се констатира одлично познавање на огненото оружје кај децата и младите, што доаѓа од медиумската и интернет култура, но и од достапноста на оружјето, како и од култот кон него што се негува во општеството. Само еден од четири испитаници би пријавиле во полиција или кај друг авторитет, доколку знаат дека некој од нивните соученици носи оружје во училиште, што упатува на недоверба кон институциите, а воедно и на страв од поседувачите на оружјето.

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: English