Караванот на слободата со голем концерт во Штип

Шестиот голем мултимедијален настан на Караванот на слободата ќе се одржи овој петок, на 23 септември, во Штип. Освен концерт со настапи на Тони Зен, „Стринг форсис“ и „Бла бла бла...“, настанот ќе донесе и поетски читања, интересна дебата, уметничка работилница на отворено, инфо-штандови, DJ сетови и видео проекции. 

14305193_1822357517979595_2806305319108894683_o

Активностите на мултимедијалниот настан на Караванот на слободата ќе започнат попладне, и ќе вклучуваат интересни видео-проекции, делење на промотивни материјали и DJ сетови со светски хитови посветени на слободата.

Од 18:30 часот, во малата општинска сала, ќе се одржи дебата на тема „Македонија: со или без слобода“, со професорката Мирјана Најческа, музичарот Тони Зен и новинарот Војо Маневски.

На концертот, пак, кој ќе започне во 20 часот, покрај големите музички имиња „Бла Бла Бла...“, Тони Зен и „Стринг форсис“, ќе настапат и поетите Елена Пренџова, Кирил Панајотов, Џабир Дерала и Рина Јанкуловска.

За време на целиот настан ќе биде активна и уметничката работилница и изложбата насловена „Слобода во боја“, на која покрај академскиот сликар Мирослав Стојановиќ, со свои дела ќе се претстават и уметниците Боре Минов, Јована Велинова, Мики Иванов и Зорица Пецева.

Караванот на слободата организиран од ЦИВИЛ – Центарот за слобода и поддржан од УСАИД, досега одржа пет големи мултимедјални настани во Велес, Струмица, Кавадарци, Тетово и Куманово и посети над 30 општини низ земјата, нудејќи повеќе видови музички и уметнички настани, како и културни активности кои опфаќаат различни општествени прашања.

Караванот на слободата е тримесечен фестивал, што ги користи уметноста и културата за да влијае врз засилување на граѓанската свесност и граѓанското учество. Тоа е динамичен мултимедијален проект што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.

Оваа вест е достапна и на: Albanian