СЈО ја прими одлуката за целосно повлекување на аболицијата

Специјалното јавно обвинителство во денешното соопштение за јавноста, наведува дека поништувањето на Одлуките за помилување кои беа донесени од претседателот Ѓорге Иванов се примени, и по истите веќе се постапува. Како што стои во соопштението до Апелациониот суд Скопје е доставен писмен предлог да се укине Решението на Основниот суд Скопје 1 и кривичната постапка по предметот, во јавноста познат како „Пуч“, да продолжи.

"По однос на истражните и предистражните постапки кои се водат во ова Јавно обвинителство, Ве известуваме дека истите продолжуваат, при што, зависно од фазата во која се наоѓа конкретниот кривичен предмет, ќе бидат преземени соодветни истражни и други дејствија спрема сите лица за кои постои основано сомнение или основи на сомнение за сторено кривично дело", појаснуваат од СЈО.

DSC_0324

СЈО ја информира јавноста за предметите кои се во истражна постапка. "Во предметот 'Титаник', постапката продолжува против сите осомничени лица, во предметот 'Тортура'  поднесени се предлози за определување мерка за претпазливост против шест лица, во предметот  'Тврдина' поднесен е предлог за определување мерка притвор против едно лице како и предлог за определување на мерки за претпазливост против четири лица.  Во врска со предметот во јавноста познат како 'Транспортер', донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, а поднесен е и предлог за определување на мерка притвор против истото лице. Во врска со предметот 'ТНТ', донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, а поднесени се и предлози за определување мерка за претпазливост против истите 3 (три) лица", се наведува во соопштението.

Како што информираат од СЈО, листата на ангажирани експерти, ќе биде објавена во вториот шестмесечен извештај за работата на Овинителството.

 

 

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian