Голем интерес за конференцијата за антикорупција на која ќе говори и премиерот Зоран Заев

Ако порано за корупцијата не смееше ни да се мисли, сега за неа се говори и дискутира отворено, гласно и остро. Еден ден пред одржувањето на конференцијата „За општество ослободено од корупцијата“ (четврток, 6 декември, хотел Парк, 13:30 часот), организаторите од ЦИВИЛ и Зелена лупа, ја информираат јавноста дека интересот за овој настан е изненадувачки голем, имајќи предвид колку е густ календарот на настани во овој период на годината. Прв говорник на Конференцијата ќе биде премиерот Зоран Заев кој ќе ги претстави антикорупциските чекори на неговата влада и ќе одговара на прашањата од оваа област.

Понатаму, заменик министерот за правда Оливер Ристовски се очекува да ги претстави владините постапки поврзани со новиот предлог закон за антикорупција. Розета Трајан, експертка со големо искуство и генсек на Секретаријатот на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе говори за искуствата во борбата против корупцијата.

Ќе говори и активистката и експертка за човекови права, проф. Мирјана Најчевска, како и Ване Цветанов, претседател на Зелена лупа, поранешен директор на Агенцијата за спречување на перење пари, подоцна обвинет во судско-полицискиот случај „Шпион“. Конференцијата ќе ја води Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, кој ќе говори за корупцијата во изборните процеси и политичката култура на корумпираното општество.

Конференцијата ќе биде ретка прилика на едно место да се видат највисоките претставници на Владата, експертската заедница, институциите и невладините организации и да разменат ставови за најжешката тема во земјава и во светот – корупцијата.

Освен потврдените шест говорнички и говорници, до сега своето учество го најавија и Џевдет Хајредини, експерт за финансии и поранешен министер за финансии, Павле Трајанов, претседател на Демократски Сојуз и низа други. Пријавувањето за учество трае најдоцна до 17 часот денеска. Своето присуство го најавија и повеќе претставнички и претставници на меѓународната заедница. Терминот на конференцијата е ограничен на 120 минути.

Конференцијата има цел да иницира создавање јавен простор во кој прашањата поврзани со корупцијата ќе се дискутираат во континуитет, со учество на пошироката јавност во интеракција со релевантни претставници на различните владини сектори, граѓански организации, институции и експерти. Поканети се претставници на медиумите, граѓанските организации и институциите, како и претставниците на меѓународната заедница.

Врз основа на излагањата и коментарите, ЦИВИЛ ќе подготви и препораки што ќе ги претстави во јавноста преку својата медиумска платформа и соопштенија до јавноста.

Конференцијата е дел од проектот „Граѓанките и граѓаните за слободно општество“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

ЦИВИЛ – Центар за слобода

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish