Гласај за еднаквост!

Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ започна со кампањата „Гласај за еднаквост“, за поголема вклученост на ЛГБТ-лицата во политичките агенди. Во пресрет на предвремените парламентарни избори, закажани за 11-ти декември, оваа кампања има за цел да ја вметне еднаквоста на ЛГБТИ-луѓето во јавната политичка агенда на партиите, не само за време на кампањата за претстојните избори, туку и по нив.

Од „Субверзивен фронт“ соопштуваат дека пред почетокот на кампањата организирале средби со политичките партии, чии претставници одговарале на прашалник кој се однесува на застапеноста на ЛГБТ-лицата во нивното членство и органи и тела. Иако прашалникот бил испатен до сите политички партии во земјава, одговор добиле само од пет: од Левица, ЛДП, ЛП, ДОМ и од СДСМ.

На 5-ти декември, во рамките на кампањата, ќе се одржи и првата национална ЛГБТИ-конференција во Македонија, на која претставници од политичките партии и од државните институции, ќе дебатираат за унапредувањето на положбата на ЛГБТИ-лицата во земјата. Истовремено, ќе бидат претставени и предлог-измените и дополнувањата на Законот за спречување и заштита од дискриминација и на Кривичниот законик, за правно да се признаат и да се заштитат ЛГБТИ-лицата од дискриминација, од говор на омраза и од злосторство од омраза, засновани на сексуална ориентација и на родов идентитет.

 

Print Friendly, PDF & Email